top of page

Album review #1 со @izdavackakukja: „Sam Doma“ на Lukas Pomatski

Updated: Jun 14, 2020


Девојки и дечки, пред вас стои првиот Album Review, дел од новата адиција на студентскиот медиум Авангарда – „Музички рецензии со @izdavackakukja“. Овие рецензии ќе бидат пишувани од главниот админ на инстаграм профилот @izdavackakukja. За сите критики, пофалби и предлози можете да се обратите таму.


Поттикот за овој проект беше тоа што младината во Македонија е навикната да поддржува сѐ и сешто а да не критикува ништо. Ваквиот синдром води кон изобилство на „уметници“ и „музичари“ кои се подпросечни и го пополнуваат етерот, недозволувајќи да се пробијат добри бендови, рапери, продуценти. Секој глуми другар со секого, сите се знаат со сите и на сите им е срам да дадат конструктивна критика.


Не може бендот на другар ти да биде предобар ако нема авторска песна. Не може другар ти што прави трап да ти биде најјак ако му ја немаш преслушано песната 1000 пати ко да е песна од Travis Scott или Kendrick Lamar.


Овој синдром го воочувам и кога излегува нова музика во светски рамки. Пример – дента кога излезе “Music To Be Murdered By (2020)” од Eminem сите сторињата на Инстаграм беа преплавени со тоа. Реакции од типот на како немало појак, како кралот се вратил, како е изваден албумот на годината, 10/10 и што сѐ не - на секое можно стори. Следниот ден, ко да не постоел Eminem, а не па нов албум. Чекајте малку, кој е тој 10/10 албум што се заборава за еден ден?


Мене не ми е срам да кажам дека еден од најдобрите MC-ња во историјата на рапот (Eminem) нема извадено добра трака од 2013 година. И кога велам добра, мислам на вистински добра, а не просечна.


Од овие причини, ќе правам рецензии и на македонска и на странска музика. За да биде поинтересно, во иднина ќе викам и мои блиски пријатели и други артисти, со цел овие рецензии да се пообјективни и поинтересни.



Омот на „Sam Doma”, дизајн на јанкопетелјаваше



Така се погоди, првата рецензија да биде на „Sam Doma (2020)“ од Lukas Pomatski. Верувам дека повеќето од вас го знаете како Lux Kmala, дел од Rap Pozitiv и Dope Kukjata. Албумот има 11 траки од кои 2 скита, напишан и снимен е во 2 недели и 80% од вокалите се снимани на Voice Memos. Станува збор за рап/хип-хоп албум, a аранжманот, миксот и мастерингот е цел на Лука. Исто така, сите песни се продуцирани од него, освен #2 и #11 кои се продуцирани од ‘stronomika и Slika, соодветно.




Листа на песни на „Sam Doma“, дизајн на јанкопетелјаваше


Најпрвин, вокалите на сите песни, освен на првата строфа на „Begajte Dechki!“ звучат одлично од аспект на тоа монтажа. Искрено, да ја немав информацијата за тоа како е сниман албумот, немаше да верувам. Лука гази низ целиот албум, од wordplay, до текст, до flow, до продукција, сѐ е направено предобро. Истово го имам зборувано и со многу другари, Лука е можеби најкомплетниот рапер од новата генерација на домашни артисти. Сѐ сам си прави, па кога ќе извади нешто добро (а најчесто е добро) кредитот оди кај него и само него.


Првата и шестата песна се кратки скитови па не би се задржал многу на нив освен да кажам дека добро се вклопуваат во лабавиот vibe на целиот албум. Втората песна „Bozhe Pushkin” е прелуда трака, смешна и интересна. Од сите, најмногу се истакнува Piki. Ја користам оваа прилика да го поздравам мојот другар Мик Осолак кој исто така гостува на оваа трака под уметничкото име Love OT!


Во третата песна, “Begajte Dechki!”, VecVajsVers и Laz Vegjas нудат две моќни строфи со и одлично компонирана игра на зборови. Делот на VecVajs:


„Бараме прича, сме лиричари,

па заглавени ко на линии, Sheen Charlie,

еве доказ иако не сте кривичари,

дека ко на David Lynch кадри се морничави”


каде веднаш по него влетува Laz Vegjas, дава до знаење дека ова е хајлајтот на албумот.



Имаат сѐ, flow, мултиси, текст, wordplay – доказ за скилот кој го поседуваат. Четвртата и десетата песна, “Pokraj Mene” и “Sekoja Nokj” имаат три заеднички работи: предобра мелодија, рефрен и гостување од @amilcy. Но, сметам дека потенцијалот кој го имаат овие две песни не е исполнет до крај поради несериозните лирики.


Петата трака “Izgrejsonce” е поопуштена трака која се вклопува во концептот на целиот албум, но не ми остави преголем впечаток. Начинот и тонот на рецитирање од страна на Piki I VuiSah во осмата трака “Krvavi Kravi” многу ме купи и ме потсети на стилот на Kemp OD што во мои очи е голем плус.


Последната, “Bolje”, е долга 9 минути, но во ниеден момент не се чувствува како да е досадна бидејќи изобилува со богат текст од страна на сите кои гостуваат во неа.


За крај, како највоочлив од гостите можам да го издвојам Piki, за кој не можам да кажам ниеден лош збор. Од неговите версови во “Bolje” би ги издвоил стиховите:


„боље Шишка него Насте“;

„боље листот да го свртев него Ристо да го Вртев“;

„боље господ да ме земел него нос ко Аце НЛ“;

„боље навијај аларм место да навиваш за Дортмунд“;


кои даваат перспектива за тоа колку уствари Piki е лирички спремен.


Единствената поголема забелешка која ја имам за овој албум е тоа што изобилува со зафрканции и во песни во кои според мене нема потреба . Сфаќам дека тоа е и целта, и навистина се интересни кога ќе ги слушнеш прв пат, но на сметка на тоа албумот губи на својот “replay value“.


Се надевам дека во скоро ќе ги видиме истиве дечки во малку посериозно издание.


Сѐ на сѐ, добар албум.

ОМИЛЕНИ ПЕСНИ ОД АЛБУМОТ:

“Bozhe Pushkin”, “Begajte Dechki!”, “Pokraj Mene”


НАЈМАЛКУ ОМИЛЕНИ ПЕСНИ ОД АЛБУМОТ:

“Izgrejsonce”


ОЦЕНА: 7/10


Следете ги Лука и екипата на профилите:



Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page