top of page

Тамара Илиева: EESTEC е уникатна едукативна платформа што нуди за секого по нешто

Во последно време, домашниот интерес за студирање се повеќе го следи трендот на масовната глобална ориентираност кон технолошки иновации и развој, за што говорат бројките кои укажуваат на зголемен интерес на студентите да се вклучат во светот на техничките струки и компјутерски науки во последните неколку години.


И сосема е очекувано студентите на овие факултети да бидат идните градители на технолошкиот и дигиталниот прогрес на секоја земја. Токму поради ова, насекаде низ светот се инвестираат значителен труд и средства во формалното образование на студентите кое го стекнуваат преку наставните силабуси на матичните универзитети. Но сепак остануваат прашањата: Дали изградбата на професионалниот и личен профил на еден студент е возможна само преку знаењето добиено од страна на наставните катедри? Дали и колку е потребна студентска автономна организираност и мобилизираност надвор од секојдневните факултетски простории?


Токму на овие теми дискутиравме со Тамара Илиева, студентка на ФИНКИ и член на невладината организација на студенти од електротехничките и компјутерските науки „ EESTEC LC Skopje“.



Накратко, како започнува приказната на EESTEC на интернационалната и домашната сцена и кои се главните мотиви за отпочнување на една ваква европска мрежа на студенти од областа на електротехничките и компјутерските науки?


Темелите на организацијата започнуваат да се поставуваат уште во 1962 година, во Париз каде што неколку студенти од различни европски држави се сретнуваат и дискутираат за можноста да се оформи организација за студенти од електро-инженерските насоки. Главен мотив за ова е да овозможат полесен начин за доаѓање до летни пракси во фирмите кои се од овој сектор и организирање на интернационални студентски состаноци. Но, организацијата вака како што ја знаеме конечно е креирана во Ајндховен во 1986 година.

Во Скопје EESTEC конечно се појавува во 2003 година, откако група студенти од УКИМ дознаваат за организацијата од свои колеги од странство со коишто се запознаваат на „Електријада“. Инспирирани од нив, по враќањето од „Електријада“ го започнуваат процесот на формирање на EESTEC LC Skopje со цел да ги пренесат мисијата и визијата на ЕЕСТЕК и во техничкиот кампус во Скопје.


Како се станува член на EESTEC и што е тоа што еден студент не може да го добие во рамките на формалното образование, а вашата организација го нуди?


Зачленувањето во EESTEC може да биде во кој било момент од академската година преку доаѓање на редовните неделни состаноци и учествувањето во другите активности кои се случуваат во тој период. Редовните состаноци се одвиваат секоја среда во 20:00 часот. Почнувајќи од март, тие се одвиваат преку платформата Meet, а во нормални услови се во просторија 110 на ФЕИТ. Наскоро, поточно на 14-ти октомври ќе биде одржан и промотивен состанок за нови членови на кој фокусот ќе биде ставен на информирање на потенцијалните нови членови зошто вреди да членуваат во EESTEC и кои се конкретните активности во коишто можат да учествуваат.


Во оваа прилика ги покануваме сите студенти да се приклучат на состанокот и да дознаат нешто повеќе за EESTEC и придобивките од членувањето во самата организација. За какви било дилеми и прашања, достапни сме на нашите социјални мрежи. Придобивките од членување во студентска организација се навистина многубројни. За EESTEC сите членови би се согласиле дека е уникатна едукативна платформа што нуди за секого по нешто. Нуди повеќе придобивки меѓу кои значаен развој на меките вештини како нешто што ни е навистина потребно на сите инженери, но не се добива преку формално образование. Доста често имаме настани и тренинзи посветени на развојот на меките вештини како на пример лидерство, менаџирање на време, проект менаџмент и многу многу други. Дел од нив се отворени за сите студенти, а дел се достапни само за нашите членови. Со оглед на фактот дека сме европска организација, имаме шанса да посетуваме настани и работилници низ цела Европа без да плаќаме котизација.



Ова е особено корисно затоа што не само што имаме шанса да посетиме многу убави места низ Европа, туку меѓувремено сме и на некој настан што ни е од областа во која што студираме. Секако редовно имаме и многу дружења и забави за нашите членови со кои се осигуруваме дека секој наш член ќе има навистина незаборавни студентски денови.


Со оглед на повеќе годишното искуство во едукацијата на студентите од техничките струки, кои се најголемите проекти и постигнувања на EESTEC LC SKOPJE од неговиот зачеток па се до денешен ден?


Локалниот комитет EESTEC LC Skopje повеќе од 17 години бележи многубројни успеси во разни полиња. За самото тоа сведочат повеќе од 800 студенти кои поминале низ нашите редови како и над 70 успешно организирани настани меѓу кои над 20 интернационални настани и над 30 незаборавни мотивациски викенди. Меѓу позначајните успеси ќе спомнеме и над 150 тренинзи за меки вештини на кои имале шанса да присуствуваат наши членови и останати студенти. Веруваме и ќе дадеме се од себе овие бројки да продолжат експоненцијално да растат.


Меѓу најголемите интернационални проекти на EESTEC LC Skopje се Code App Level Up, RoboMac и EESTECers Gone Wild, а меѓу најголемите и најуспешните локални настани би ги издвоиле Soft Skills Academy Skopje (што се одржа летово, за првпат онлајн) и EESTEC Academy (што со задоволство можеме да кажеме дека повторно ќе го организираме наскоро). EESTEC Academy е настан што вклучува повеќе модули, односно серии на предавања и/или работилници во различни периоди и на различни теми. Идејата е да се обезбеди додаток на образованието на талентираните студенти и да се отворат перспективи за нивно идно напредување. Поради моменталната здравствена криза, годинава академијата ќе биде одржана онлајн.


Како и повеќето наши едукативни настани, академијата ќе биде бесплатна, а првиот модул ќе биде одржан кон крајот на ноември. Моментално се во план два модули во текот на зимскиот семестар, а ја разгледуваме и можноста за трет модул во текот на летниот семестар доколку првите два поминат добро. Континуирано ќе ги објавуваме сите новости во врска со академијата на социјалните мрежи, а сите заинтересирани наскоро може да го очекуваат и отворање на пријавите за учесници.


Исто така не треба да се заборават и мотивациските викенди, кои иако не се големи настани, имаат огромно влијание во развивање на меките вештини кај студентите и правење на нивните студентски денови незаборавни. Спомените кои се создаваат во овие два дена остануваат вмрежани засекогаш во сеќавањата. Како и сите сектори од општеството кои беа затечени од страна на Корона кризата, така и невладините организации беа приморани да се прилагодат на новите начин на живот. Како EESTEC LC Skopje се справи и функционира во услови на пандемија?


Како и повеќето други сектори и ние брзо се прилагодивме на новите услови. Со помош на технологијата, сите наши активности продолжија да си се одржуваат редовно. Редовните состаноци ги одржуваме онлајн секоја недела во истиот термин.


Исто така го одржавме и нашиот виртуелен настан Digital Soft Skills Academy од кој што сме особено задоволни. На него имавме 6 различни обуки од областа на меките вештини, беше отворен и бесплатен за сите студенти и присуствуваа 50-тина учесници. Обуките ги одржаа искусни професионалци и експерти за меки вештини од IT сферата, но и официјални тренери од EESTEC од кои некои се членови на локални комитети од други држави во EESTEC мрежата.



Како студентка на ФИНКИ и член на EESTEC LC Skopje, на каков начин поврзувањето во група од студенти со идентични професионални интереси влијаеше врз Вашата надоградба на лично и професионално ниво?


Членувањето во EESTEC е една моите подобри одлуки и има навистина големо влијание и значење во мојот професионален и личен развој. Со самото започнување на моите студии веднаш се приклучив и во студентската организација EESTEC и таа навистина значајно ми го прошири кругот на пријатели со слични интереси чија помош многу ми користеше и се уште ми користи во поглед на моето студирање,но и за други лични проекти.

Применив и доста технички вештини во EESTEC како координатор за односи со јавноста во 2019/20 година, но стекнав и многу нови. Се стекнав со лидерски вештини преку водење на тимови, научив како подобро да го менаџирам своето време што ми беше навистина неопходно, како да работам под притисок и кратки рокови и уште безброј други. Искуството во студентска организација ми овозможи еден доста забрзан, но и уникатен професионален и личен развој кој најверојатно не би можела да го стекнам на друго место. Навистина е извонредно искуство коешто би го препорачала на секој студент што сака да излезе од својата комфорт зона и сака да постигне нешто повеќе во текот на своите студии.

И за крај, нешто што пропуштивме, а би дополниле?


Факт е дека студентските денови поминуваат додека трепнеш, па тешко е човек да се одлучи на што да го посвети своето време, било тоа учење за испити, пракса, забави... Сепак, иако можеби звучи како да нема време за членување во студентска организација, тоа е една од најмудрите работи што може да ги направи еден студент со своето време, бидејќи со совладување на меките вештини ќе научи да приоритизира и подобро да го искористува времето, а освен тоа и самите студии ќе му/и бидат многу поинтересни.


За крај, ние од EESTEC LC Skopje ќе ја продолжиме оваа долгогодишна традиција на унапредување на животите на студентите и ќе продолжиме да се прилагодуваме на сите нови ситуации и предизвици. А вие не ја испуштајте приликата EESTEC да стане дел и од вашата приказна и придружете ни се во среда, во 20 часот.




М.Т.

911 views0 comments
bottom of page