“Вистинската историја на бандата Кели” го отвора Скопскиот Филмски Фестивал
- Авангарда
- Sep 9, 2020
- 1 min read
Денес, во 19:00 часот во Кинотека на Македонија, започнува дваесет и третото издание на Скопскиот Филмски Фестивал. Проекциите кои ќе траат во текот на претстојната седмица ќе бидат прикажувани на отворено, во дворот на Кинотеката.

Програмата ја отвора Филмот “Вистинската историја на бандата Кели”, во режија на Џастин Курцел, кој ја раскажува приказната за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели, а истата ќе биде проследена со уште шеснаесет други филмови и ќе трае до 16ти септември. Истата вечер ќе биде прикажан и филмот “Џулиета од духовите” во режија на Федерико Фелини, познат по својот стил во кој ги меша фантазмагоријата и барокните слики со земјеноста.
Во склоп со фестивалот ќе се реализираат и “Денови на квир кино” претставени преку филмовите “Адвокат”, “Да беше љубов” и би го издвоиле “Добредојдовте во Чеченија”, високо оценет документарен филм во кој се разработува темата за изживувањето на ЛГБТ заедница во Федералната Република Чеченија.

Сите проекции се бесплатни и картите ќе можат да се подигнат 30 минути пред почетокот на секој филм на самото место.
За време на фестивалот ќе биде поставена и изложба на минималистички постери за филмовите на Фелини на светски познатиот графички дизајнер Зоран Кардула, по повод 100 годишнината од раѓањето на Федерико Фелини. Изложбата ќе биде поставена во галеријата на Кинотека.
Д.М.
Comentarios