top of page

Април - месец за подигнување на свеста

Да зборуваме за сексуалното насилство.


За третиот и последниот сегмент од нашиот серијал Април - месец за подигнување на свеста ќе се осврнеме на сексуалното насилство. За почеток, сексуалното насилство е формa на родово базирано насилство, кое остава сериозни и долготрајни последици врз целокупното здравје на жртвата.

Најчести форми на сексуално насилство се: сексуален напад, сексуално вознемирување и сексуална злоупотреба. Во светски рамки тоа претставува сериозен проблем на јавното здравство затоа што погодува милион луѓе низ целиот свет и се проценува дека 35% од жените ширум светот имаат искусено физичко и/или сексуално насилство (без вклучено сексуално вознемирување) во одреден момент од нивниот живот. Во национални рамки, според Истражувањето од ОБСЕ за насилството врз жените во Северна Македонија (2019), дури 10% од жените кои имаат или имале интимен партнер, рекоа дека доживеале физичко и/или сексуално насилство од партнер, а според Студијата на опсег на различни форми на сексуално насилство, 35% од лицата одговориле дека биле жртви на некоја форма на сексуално насилство, односно секој трет испитаник од онлајн прашалникот бил жртва на некакво сексуално насилство.

Сексуалното насилство многу често не е тоа што го замислуваме. Не е мистериозен злосторник кој излегува од темнината да нападне некого. Статистиките покажуваат дека најчесто, сексуалните напади се направени од лица коишто се блиски до жртвата како пријател, романтичен или брачен партнер и слично. За жал, токму поради овие фактори, многу често сексуалното насилство е прикриено - не се претпоставува дека некој којшто е близок со некого може таква штета да направи. Заради тоа, сексуалното насилство треба да биде тема на која отворено ќе се разговара со цел да се скршат лажните претпоставки изградени за истата.

Нешто што се занемарува во дискурсот за сексуалното насилство е застапеноста на мажите како жртви. Многу често се осврнуваме на податоците кои ги отсликуваат само жените како можни жртви на сексуалното насилство, но вистината е дека секој може да биде жртва на овој вид на насилство. Поради тоа, како општество треба да работиме на кршење на погрешните претпоставки кои се поставуваат секојдневно за сексуалното насилство.

Треба да запомниме дека сексуалното и физичкото насилство никогаш не се оправдани, дека жртвата никогаш не го барала тоа и не го предизвикала. Треба да се освестиме за неправдите кои се вкоренети во нашето општество и кои допринесуваат до двојна виктимизација на жртвите на насилство, како и до зголемување на стапката на непријавени случаи на насилство.


Со овој текст ние го заокружуваме месецот април, кој на светски рамки е посветен за подигнување на свеста за аутизмот, злоставувањето на малолетници и за сексуалното насилство. Но, само поради тоа што заврши месецот, не значи дека ние треба да ги заборавиме овие теми. Дискриминацијата кон лицата со дијагноза од аутистичниот спектар постои во општества ширум светот, а ние сме одговорни како ќе се поставиме кон истата. Дали ќе дозволиме овие лица да бидат третирани како „ретардирани“, дали ќе се однесуваме кон нив како да се помалку од нас, или пак ќе застанеме гордо да го одбраниме нивното достоинство и да ја одбраниме нивната посебност како ништо повеќе од отстапување од нормата. А кога станува збор за злоставувањето на малолетници и за сексуланото насилство, ние сме тие коишто ќе одлучиме дали ќе продолжиме истите да се прикриваат, дали ќе дозволиме жртвите да се обвинуваат одново и одново?

Дали ќе дозволиме да продолжиме да се преправаме дека не ги забележуваме сите неправди кои што се цврсто затемелени во нашите општества?



Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page