top of page

Деканот на ФЕИТ за Авангарда: Инженерите се главните носители на технолошкиот развој на секоја земја

Како што надоаѓа новата учебна година за студентите, така и секој од факултетите при УКИМ засебно пристапи кон одлучување за начинот и протоколите за одвивање на наставата во услови на пандемијата, вклучувајќи го и Факултетот за електротехника и информациски технологии. Иако досегашното функционирање на Факултетот наиде на релативно позитивни оценки од страна на студентите, сепак, со наближувањето на првиот студентски час, нараснуваа потенцијалните проблеми кои ги засегаа студентите на овој факултет и прашања кои ги интересираа. Прашања во поглед на одвивањето на наставата, испитите, нивната изводливост за извршување и можеби најважното, кооперативноста и волјата за сослушување на нивните ставови од страна на управата при ФЕИТ. Токму на овие теми, во интервју за „ Авангарда”, одговор даде деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски.



Последниот период се карактеризира со привршување на мандатите на деканите на факултетите на УКИМ и избор на нови. Со оглед на тоа дека од неодамна сте реизбран за декан на ФЕИТ, дали би можеле да направите едно кратко резиме за сето она што е постигнато за време на вашиот прв мандат како декан на ФЕИТ?


Усогласувањето на студиските програми на ФЕИТ со европските студиски програми од областа на електротехника и информациски технологии ми беше главен приоритет. По добиената акредитација, во тек е процес на имплементација на истите, при што акцент е ставен на мотивација на студентите да активно учествуваат во образовен процес.


Вложивме околу 16.000.000 денари во подобрување на условите за работа на вработените и студентите, при што комплетно ги реновиравме во енергески ефикасни фасади, фасадата на пациото во главната зграда како и фасадите на западната и северната страна на анексот, инсталиравме фотоволтаични централи со што на годишно ново ги намаливме сметките за околу 300 000 денари. Ги мотивиравме колегите, пред се помладите, да аплицираат за меѓународни проекти. Само за илустрација оваа година имаме 25 апликации за меѓународни проекти.


Продолживме со политиката на креирање на млад научно истражувачки кадар. Моментално имаме ангажирано околу 25 млади истражувачи кои се вклучени во наставата како демонстратори и/или работат на проекти. Дел од овие млади истражувачи наскоро ќе бидат и наши вработени.


Го формиравме ИНОФЕИТ, центар за трансфер на технологии и иновации. Преку ИНОФЕИТ сакаме нашите резултати од истражувањето да ги пренесеме во стопанството и да придонесеме за развој на општеството. Радува фактот што бројот на компании кои се заинтересирани за соработка со ИНОФЕИТ постојано се зголемува. Преку ИНОФЕИТ сакаме да ги мотивираме и студентите на УКИМ да размислуваат за иновации. За таа цел ја воведовме и програмата INOSAE (Innovation in Smart Anything Everywhere). Оваа година истата ја организираме заедно со УСС на УКИМ. Мислам дека за кратко време ИНОФЕИТ стана еден од главните чинители во македонскиот иновациски екосистем.


Тукушто завршија уписите на вашиот факултет. Како се одвиваа истите и дали бројот на запишани бруцоши оваа учебна година ги оствари вашите очекувани проекции?


Во услови на актуелната пандемија, уписите се одвиваа без проблеми, со запазување на сите безбедносни мерки, така да, во тој дел немаше проблеми. Во однос на бројката на новозапишани студенти релативно сме задоволни имајќи го во предвид фактот дека оваа година генерацијата на матуранти беше драстично намалена во однос на претходните. Согласно ова, ние и очекувавме намален број на заинтересирани средношколци. Во моментот имаме 165 запишани студенти, со преостанат трет уписен рок.


Покрај намалениот број на завршени средношколци, сепак, за мене загрижувачки е намалениот интерес за студирање на техничките факултети. Бројките покажуваат дека само десеттина проценти од завршените средношколци се одлучиле да студираат инженерство. Оваа бројка е мала за нашата држава, со оглед на фактот дека инженерите се главните носители на технолошкиот развој на секоја земја. Во тој поглед сметам дека потребна е активна иницијатива на Министерството за образование, Универзитетите и стопанството за мотивирање на идните студенти да се занимаваат со инженерство.


Она што радува и што претставува охрабувачки фактор за нас е квалитетот на оние студенти кои се запишуваат на нашиот факултет. Нашите првични анализи и од овој упис кажуваат дека бројот на одлични средношколци кои се запишале на нашиот факултет е сличен на оној од минатата година.



Пандемијата донесе нови предизвици за сите сектори од општеството, а до нив не изостана и високото образование. Многу од факултетите, вклучувајќи го и ФЕИТ, ја вршеа својата наставата онлајн. Какви резултати бележите досега и кои се вашите планови по повод одвивањето на наставата и изведувањето на испитите во новата учебна година?


Во однос на ова прашање, можам да потенцирам дека ФЕИТ многу брзо се прилагоди на новонастанатата состојба. За само една недела успеавме сите предавања да ги префрлиме онлајн, односно да ги реализиравме преку видео конференција која ја имплеметиравме во нашиот систем зе е-учење.


Сите предавања и вежби се одвиваа според утврдениот распоред на часови и со тоа можам да заклучам дека генерално, во однос на изведувањето на наставата немавме поголеми проблеми. Тоа на два пати го потврдија и студентите преку нивните анкети каде што нема поголеми забелешки во поглед на изведувањето на наставата.


Ова беше истакнато и на последната трибина која ја организираше ФСС на ФЕИТ со студентите, а на која бев поканет да присуствувам. Студентите истакнаа дека генерално се задоволни од изведувањето на наставата, од односот и достапноста на професорите и соработниците. Ја потенцираа намалената интеракција помеѓу наставниците и студентите, но беа искрени и вината главно ја лоцираа кај себе. Радува фактот што на оваа трибина слушнав многу пофални зборови за иновативноста на нашите професори во реализација на наставата.


Кога станува збор за новиот семестар, со одлука на Наставно научниот совет (ННС) на Факултетот, наставата ќе продолжи да се изведува онлајн. Поради големиот број студенти не можеме да го исполниме условот за минимална физичка дистанца од препораките на Комисијата за заразни болести. Со одлука на ННС одреден број на лабораториски вежби ќе се изведуваат со физичко присуство во нашите лаборатории.


Сепак, постои минимално множество на вежби кои секој инженер мора да ги сработи самиот како и да се запознае со безбедносните процедури при работата со елекроенергетска опрема. За таа цел, во моментот се подготвуваат протоколите за нивното реализирање.


Искрено мислам дека ќе успееме комплетно да ја реализираме наставата и во наредниот семестар. Мал предизвик очекуваме во прва година, со новозапишаните студенти. Со цел да се справиме и со тој предизвик веќе две недели на ФЕИТ се организира онлајн подготвителна настава за сите нови студенти на ФЕИТ по предметите математика, физика и програмирање. Со оваа настава сакаме да ги пополниме евентуалните празнини од нивното претходно школување, но и да ги воведеме во системот за е-учење на ФЕИТ, начинот на реализација на наставата како и да ги запознаеме со нивните идни професори. Новите студенти ќе добијат и професори советници сè со цел полесно да се прилагодат на, за нив, новиот систем на образование.


Од страна на УСС и студентските собранија, во неколку наврати, беше изразена загриженост за квалитетот во кој се одвиваа наставата и испитите за време пандемијата. Дали поседувате стратегија околу тоа како би се одвивал надзорот врз наставата и испитите предводени од професорите, со цел да се обезбеди потребниот квалитет?


ФЕИТ е можеби единствениот факултет во државата со имплементиран систем за квалитет ISO 9001, во сите области на делување: наставата, истражувачката работа, апликативна работа како и во организацискиот дел. Веднаш по настапување на вонредната состојба беа донесени процедури за изведување на наставата, за реализација на испитите, за одбрана на дипломски и магистерски трудови и многу други. Со ова беа дефинирани улогите и обврските на сите чинители во образовниот процес, што е првиот услов за обезбедување на квалитетот.


Како и што напоменав претходно немавме проблеми во реализација на наставата. Наставата се реализираше преку видео конференција согласно дефинираниот распоред. Главната комуникација со студентите веќе петнаесеттина години се реализира преку нашиот систем зе електронско учење, на која што професорите ги прикачуваат сите материјали, слајдови, задачи, тестови, демоа. Дополнително на студентите им беа достапни и сите изданија (книги, збирки, упатства за лабораторсики вежби) на факулетот за зимскиот семестар. На самиот систем се реализираат и евидентираат сите активности на наставниот кадар и студентите.


Испитите се реализираа комбинирано, со физичко присуство и онлајн. Беа дефинирани правила кои студентите мораа да ги почитуваат при онлајн полагањето (инсталација на софтвер за надзор над компјутерот на студентот, вклучени две камери, полагање во голем број виртуелни училници со цел да се елиминираат несакани ситуации). Генерално можам да кажам дека онлајн наставата и испитите се одржаа по сите стандарди. Првичните анализи од реализираните јунска и септемвриска испитна сесија покажуваат дека успехот е еднаков со оној од минатата година. Ова е една квантитативна мерка согласно која немаме причина да се сомневаме во квалитетот на изведба на наставата и реализација на испитите.



Што според Вас, беше најголемиот предизвик со кој што се соочивте за време на КОВИД-19 кризата?


Најголемиот предизвик кој би го издвоил беше реализацијата на лабораториските вежби. Лабораториските вежби планиравме да ги одржиме на крајот на семестарот, но поради вториот бран тие не можеа да се реализираат физички. Сепак, голем дел од тие вежби се одржаа онлајн благодарение на креативноста и спремноста на професорите да подготват демоа и видеа или преку снимање на вежбите од страна на соработниците и професорите.


Со искуството кое го стекнавме од претходниот семестар и со активностите кои сега ги превземаме убеден сум дека нема да има проблеми во реализација на целиот процес на наставата, вклучително и лабораториските вежби.


За крај , што е предвидено во Вашата нова програма во текот на наредните 3 години од Вашиот мандат?

Во однос на периодот кој престои, главен приоритет ќе биде наставната дејност, со акцент на сè поголема примена на концептот учење базирано на решавање на проблеми. Со цел да го потврдиме квалитетот и да ги интернационализираме нашите студиски програми, ќе направиме меѓународна акредитација на истите. ИНОФЕИТ ќе организира нови програми преку кои ќе ги мотивира студентите за иновации. Ќе продолжиме со активностите ИНОФЕИТ да прерасне во регионален центар за извонредност во делот на информациските технологии и обновливите извори на енергија. Ќе отвориме Центар за меѓународна соработка на ФЕИТ, како поддршка на нашите истражувачи во процесот на подготовка и реализација на проектите. Ќе го завршиме процесот на дигитализација на сите активности на ФЕИТ. Центар за доживотно учење, повторно активирање на Алумни организацијата, се исто така дел од активностите кои се планирани во мојата нова програма.




М.Т.


Comentarios


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page