top of page

Студентите за работата на ФИНКИ: Административните служби потфрлија

Како продолжеток на серијалот на интервјуа со студентите од техничките факултети, своите видувања, предлози и критики за работата на Факултетот Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) во време на пандемија ги изразија и студентите на овој факултет.


Видно негативно погодени од кризата со COVID-19, тие решија да го изразат своето незадоволство во поглед на повеќе области од функционирањето на Факултетот. Мета на незадоволството и критиките беа, пред се, организацијата на испитните сесии и работењето на административната служба.


Во поглед на првото, главната забелешка се однесува на комплицираноста во процедурите за одвивање на онлајн испитите, вклучувајќи нејаснотии околу кои верзии на програми и софтвери треба студентите да ги користат при полагањето, што дополнително го отежнува и одложува самиот процес на полагање. Покрај тоа, студентите пренесуваат за честа промена на условите за полагање во последните часови пред изведувањето на испитите и по нивното завршување. Промени чија цена ја плаќаат самите студенти.


„Во главно не сум задоволна. Иако имаше дел од предметите по коишто организацијата и квалитетот на испитот беа на задоволително ниво, сепак сесиите во целост не беа добро организирани. По голем број од предметите имаше измени во правилата за положување коишто ни беа соопштувани во последен момент а кај дел се изменуваа дури и после завршување на испитот и дознававме откако ќе објавеа резултати“, изјави студентката Тамара Илиева.


„Потребниот софтвер за полагање варираше од предмет до предмет. Имаше голем број на дополнителни програми и апликации кои требаше да ги симнуваме и сето тоа допринесе до делумен хаос“, објаснува таа.


„Се случуваше и дел од студентите да имаат симнато погрешна верзија на одредена апликација па тоа се дознаваше и решаваше пред самиот почеток на испитот со што се доведуваше до пролонгирање на испитот додека студентот да се снајде со сите потребни апликации, а многу пати се случуваше и некој да не се снајде па да не им биде овозможено полагање“

Студентката од ФИНКИ доплнува и дека сите испити траеле подолго од планираното време поради технички проблеми на почеток на испитот од страна на студентите и од страна на самиот систем за полагање, што дополнително било отежнувано и со процесот на идентификација кој често знаел да одземе доста време.

„Целото тоа доцнење и останатите компликации кои се јавуваа поради потребните програми за полагање придонесуваа до зголемување на стресот и опаѓање на концентрацијата кај студентите”, сведочи за „Авангарда“ Тамара, опишувајќи го хаотичниот процес низ кој поминувале таа и нејзините колеги во текот на летните испитни сесии.


Се чини дека запрашаните студенти беа генерално согласни околу неажурноста и недоволниот капацитет за справување со новонастаната ситуација од страна на студентските прашања, оставајќи ги студентите да се снаоѓаат самите за да ги добијат потребните одговори.


„Студентската служба речиси никогаш нема одговор за работите за кои се очекува да има одговор. Кога некој студент има некој проблем или прашање во врска со запишување на некој предмет, испраќање на некоја молба или нешто слично, тие најчесто немаат конкретен одговор и мораме да се консултираме со професори или други колеги/шки за да дознаеме“, вели Тамара, алудирајќи на лошата организација на службата кај која не ретко, при уписите за нов семестар, се создавале и огромни редици со неколку часовно чекање за обично предавање на документи.

„Многу низок квалитет. Студентската служба никогаш не крева на телефон, а на меил враќаат само понекогаш“, изјави за Авангарда нејзин колега кој одлучи да остане анонимен.


Охрабрувачки фактор претставува комуникацијата со професорите која според студентите била на задоволително ниво во текот на целиот изминат период. Тоа се должи пред се, на воспоставените системи за комуникација со студентите во кои секој професор поседува своја виртуаелна соба преку која може да се закажуваат консултациони термини со професорите. Нешто што, според нив, би можело да се применува и во иднина.



Во однос на прашањето дали сметаат дека факултетот може да обезбеди квалитетни онлајн и физички предавања, одговорите варираа во согласност со начинот на изведувањето на предавањата. Од една страна, врз основа на позитивните резултати од досегашната онлајн настава, кај студентите владее доверба дека Факултетот е способен да ги реплицира истите резултати и оствари нивните очекувања.

Меѓутоа, во однос на наставата со физичко присуство, постои загриженост и скептичност поради просторните лимитации со кои се соочува Факултетот во време во кое е од есенцијална важност одржувањето на физичка дистанца помеѓу сите присутни на предавањата.


„Со моменталните капацитети со кои располага факултетот и целата ситуација со пандемијата, во недостиг од сопствена зграда сите студенти подеднакво да слушаат квалитетни предавања во живо, со почитување на сите протоколи е невозможно”, изјави студентот Миле Јанкулоски.

Се чини дека ова е можеби најсериозниот од многуте проблеми присутни на овој факултет. По бројот на студенти, ФИНКИ е еден од најголемите факултети на УКИМ во моментов, но истиот се уште се соочува со недостиг на сопствени простории во кои би се реализирала наставата. Како што сведочат и изјавите на студентите, каква било физичка настава на овој факултет во претстојниот семестар е речиси невозможна. А одговор од деканатот за подобрување на квалитетот на онлајн наставата и сесиите, се уште нема.


M.T.


*Фотографиите се преземени од профилите на социјалните мрежи на ФИНКИ

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page