НИСКЕП - Научно истражувачка студентска конференција на Економски и Правен факултет
- Авангарда
- Aug 4, 2020
- 4 min read
Updated: Aug 5, 2020
Овој октомври, Универзитетското студентско собрание на УКИМ ќе организира неколку научно-остражувачки конференции наменети за студентите од сите факултети. Ваквите конференции имаат за цел да ги поттикнат студентите да истражуваат повеќе во својата област, да се надоградат во неа, но воедно и значително да ја развијат креативата кај академската младина, како и желбата и способноста за научно – истражувачка дејност.
Во претстојниот период ќе имате можност да се запознаете со работата, целта и деталите на секоја од овие конференции, како и што се треба да знаете доколку сакате да се пријавите на една од нив.

НИСКЕП е првата Научно истражувачка-студентска конференција на Економски и Правен факултет, организирана од Факултетските студентски собранија на Економскиот и Правниот факултет при УКИМ.
Оваа конференција креира академски простор каде студентите ќе можат да ги споделат своите ставови, мислења, согледувања, идеи, препораки и решенија за оштествените случувања преку истражувачка работа, со своите врсници, колеги и професори. Преку работилници за академско пишување и практична и темелна работа со ментори, студентите ќе имаат можност да ги научат правилата и принципите за пишување научен труд. Конференцијата исто така ќе биде начин студентите да го надоградат своето академско CV, да ги постават темелите на својата кариера како млади професионалци и да изградат мрежа на контакти со останатите студенти и професори.
Координаторот на НИСКЕП е студентката Лика Костова и нејзиниот тим кој се состои од студенти на Правен и Економски факултет на прв и втор циклус студии - Никола Донев, Ристе Костовски, Матеја Јосифовска, Марта Чадиковска и Евгенија Јанакиеска. Тие, како централна тема на НИСКЕП го одбраа Општествениот развој, а петте научни области на кои може да се темели трудот се: Технолошки иновации, Европски интеграции, Конфликти и развој на институции, Еднаквоста и социо-економскиот развој и Медиуми и односи со јавноста за општествен развој.
Како што велат тие, нивната работа како организационен одбор е да креираат соодветен простор за студентите да ги споделат своите мислења и ставови за општествените случувања со колегите и кадарот на факултетите.
„Оваа конференција креира академски простор каде студентите ќе можат да ги споделат своите ставови, мислења, согледувања, идеи, препораки и решенија за оштествените случувања преку истражувачка работа, со своите врсници, колеги и професори“, споделува Евгенија, координатор за односи со јавноста на конференцијата.
Организациониот одбор сподели неколку факти за улогата на студентските конференции во научно истражувачката дејност на факултетите, како дел од процесот низ кој ќе поминат сите пријавени студенти.
„Студентските конференции се многу важни за академската заедница и ги има на сите Универзитети, бидејќи тука студентите ги споделуваат своите истражувања, добиваат мислење и конструктивна критика, воспоставуваат контакти за идна соработка, ги продлабочуваат и прошируваат знаењата во полињата на интерес. Сиот фокус и енергија е насочен кон академските остварувања на студентите“, велат од НИСКЕП
Презентацијата на трудот на самата конференција е исто така исклучително важна. Меките и комуникациските вештини се потребни за секоја кариера, а токму на оваа конференција студентите јавно ќе го презентираат својот труд – заедно со менторите ќе се подготвуваат за јавна презентација, ќе добијат совети за начинот, темпото и стилот на презентирање, како да го победат стравот од јавен настап и позитивната трема да ја искористат во своја полза. Дополнително ќе имаат можност да се подготват за прашања од публика и развивање дискусија на дадената тема.
Учеството на конференции е секогаш нешто со кое може да се пофали секој во своето професионално CV. Тоа им покажува на идните работодавачи дека кандидатот бил проактивен студент кој истражувал и вложувал во полето во кое сака да работи“, велат од тимот на НИСКЕП.
Конференцијата НИСКЕП е отворена за сите студенти, од сите циклуси и сите факултети од јавни и приватни универзитети, домашни и странски, се додека трудовите разгледуваат некоја од дадените теми. Кандидатите се пријавуваат со испраќање апстракт за научен труд преку официјалната страна на конференциите и, доколку се студенти на прв циклус студии условот за разгледување и прифаќање на апстрактот кој е поднесен е да е наведен и ментор со кој кандидатот работи. Доколку кандидатот е студент на втор или трет циклус студии тогаш може самостојно да го пишува трудот или пак со ментор како коавтор. Крајниот рок за поднесување апстракти е 15 август, а кандидатите продолжуваат да работат со своите ментори на научниот труд, се до рокот предвиден за испраќање изработен труд – 15 септември.
НИСКЕП ќе се одржи од 20 до 22 октомври. Иако се уште е неизвесно какви ќе бидат протоколите и препораките од здравствените власти за периодот кога е предвидено да се случи конференцијата, тие велат дека имаат план за двете опции. Доколку има дозвола за одржување конференции, тоа ќе биде со физичко присуство според сите препораки и протоколи со највисока безбедност и заштита на присутните, во амфитеатрите на Економски и Правен факултет.
„Сепак, доколку се донесе одлука конференцијата да биде без физичко присуство, ние имаме план Б и конференцијата ќе се одржи на една од платформите за видео конференциски врски“, додаваат тие.
Трудовите ќе бидат објавени во официјалниот Зборник на трудови на конференцијата, кој ќе биде достапен за широката јавност. Овој Зборник ќе допринесе да се зголеми достапноста на научни трудови напишани од студенти, за која координаторите на НИСКЕП велат дека има огромна потреба.
„Потребата од база на научни трудови од студенти е огромна, а во моментот воопшто не постои. Публикувањето на истражувачката работа и валоризацијата на трудот значи многу за самиот студент кој истражувал и дал свој придонес во одредено поле или научна дисциплина, но и за целата академска заедница. Ние почнуваме да градиме база на студентски научни трудови и создаваме плодна почва за истражувачка работа за сите студенти во иднина“, објаснуваат од тимот на конференцијата.
Во однос на одзивот на конференцијата, тие очекуваат прилично голема заитересираност, бидејки недостатокот на академски простор за истражувачка работа на студентите со која тие може да учествуваат во факултетите. Сепак, според нив успехот на конференцијата не се мери во бројот на пријавени трудови, туку поддршката која тие ја имаат добиено и од студентите и од академскиот кадар на нивните факултети.
„Конференцијата ќе помине успешно дури и во вакви вонредни околности, и со големиот интерес и поддршка од студентите ќе покажеме дека нашите студенти можат, знаат и сакаат да истражуваат и да се надоградуваат академски, но недостасувала можност, која ние како претставници на универзитетското собрание и факултетските собранија ја создадовме“, децидни се од НИСКЕП.
Comments