Од идеја до практичен прототип – Како ИНОФЕИТ ја стимулира технолошката иновативност кај студентите
- Авангарда
- May 16, 2020
- 4 min read
ИНОФЕИТ (INNO-FEIT) е центар за трансфер на технологии и иновации основан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје.

Формално отворен во февруари 2018 година, овој центар има за цел да обезбеди поблизок контакт на студентите и академскиот кадар со индустријата и да ја стимулира таа соработка. Замислен е како место на кое ќе се среќаваат студентите, академијата и индустријата со цел да се дефинираат и изработуваат практични и апликативни решенија на актуелни проблеми.
Во изминатиот период овој центар има воспоставено соработка со неколку компании преку кои се нудат разни бенефити за студентите, а од лани, во склоп на центарот, започна со работа и иницијативата INNO-SAE чија главна цел е дополнително да се стимулираат интердисциплинарни проекти на студентите на УКИМ.
Разговаравме со Проф. Владимир Атанасовски со цел да откриеме нешто повеќе за оваа иницијатива и нејзината работа.
Со која цел е отворен ИНОФЕИТ центарот?

ИНОФЕИТ е отворен со цел да им обезбеди поблизок контакт на студентите и академскиот кадар со индустријата и да ја стимулира таа соработка. Цврсто веруваме дека нашите студенти и професори се способни да решаваат многу практични проблеми кои може да најдат голема примена во индустријата и истата да ја стимулираат да креира нови и иновативни производи со додадена вредност.
Професорот додава дека основата за формирањето на ИНОФЕИТ е огромното меѓународно искуство на академскиот кадар на ФЕИТ.
ИНОФЕИТ е веќе препознаен и од Европската инвестициска банка (ЕИБ) како единствен кандидат од Западен балкан способен да прерасне во Центар на извонредност и од Европската комисија која го спомена во минатогодишниот извештај за напредокот на нашата држава во доменот на истражувања, развој и иновации, вели тој.
Какви можности нуди центарот за студентите?
За студентите се нудат пракси, конкретни соработки, различни студентски програми, поддршка при отворање на сопствена компанија, контакти со релевантни институции и слично. На компаниите пак им се остава целокупниот потенцијал на ФЕИТ на располагање за развој на нови и иновативни решенија.

Досега 5 компании имаат потпишано договори со ИНОФЕИТ за изведување на истражување и развој за нивни потреби. Ова, вели професорот, ги прави особено горди бидејќи полека, но сигурно, потенцијалот и можностите на студентите и самиот центар почнуваат да се препознаваат.
Но, ИНОФЕИТ е вклучен и во поддршка на иновативноста на студентите преку различни програми и во развој на стартап заедницата во нашата држава преку поддршка на различни настани кои се организираат во тој домен. Конечно, ИНОФЕИТ е еден од основачите на Бизнис акцелераторот УКИМ (БАУ) со што се комплетира целиот иновациски екосистем на нашиот универзитет, додава тој.
Што претставува INNO-SAE иницијативата и со која цел е започната?
INNO-SAE ( Innovations in Smart Anything Everywhere) започна лани како поддршка на промоцијата на 60 години ФЕИТ, а со цел да се стимулираат интердисциплинарни проекти на студентите на УКИМ. Главната цел беше да се повикаат сите единки на УКИМ да соработуваат на интердисциплинарни проекти затоа што новото време веќе ја брише стриктната граница помеѓу различни области. Дополнително, нашиот факултет долго време се занимава со практична работа и има искуство во развој на конкретни прототип решенија. Со INNO-SAE сакаме да покажеме дека студентите на УКИМ имаат извонреден иновативен капацитет со кој сите можеме да се гордееме.
Едноставно кажано, оваа програма е наменета да ги стимулира студентите да размислуваат во насока на иновација со посебен акцент на интердисциплинарност.

Ланската едиција на INNO-SAE, како што вели проф. Атанасовски, била мошне успешна со јавна презентација на 7 проекти од 7 интердисциплинарни тимови од единките на УКИМ.
ИНОФЕИТ е основач и главен организатор на INNO-SAE иницијативата. На студентите им нуди поддршка за формирање тимови, добивање ментори и обезбедување скромна финансиска помош за набавка на опрема и потрошен материјал за реализација на прототип решенија. Покрај тоа, ИНОФЕИТ нуди и простор за работа, советодавна улога и активно ја промовира програмата во академски кругови и пошироко.
Кој е планот за инцијативата во 2020 година?
Во 2020 година сме особено горди што добиваме ко-организатор, а тоа е Универзитетското студентско собрание (УСС). INNO-SAE е иницијатива за студентите па нивниот ангажман во организацијата ни влева сигурност во уште поуспешна организација од минатогодишната. Со партнер како УСС се зголемуваат можностите за промоција на програмата, но и се олеснува контактот меѓу студентите и формирањето на интердисциплинарните тимови и дефинирањето на проблеми.
Во поглед на областа од која треба да доаѓаат проектите кои аплицираат, INNO-SAE нема никакви ограничувања. Како што потенцира професорот, доволно е да се види иновативна компонента и да може да се развие практичен прототип кој може да се демонстрира.
Се разбира, додава тој, голем акцент се става и на интердисциплинарноста. Ланската едиција на иницијативата се состоела од проекти од земјоделство, од психологија, од фармација и слично. Сите тие биле решавани со помош на алатки од електротехниката и информациските технологии.
За сите студенти кои имаат какви било креативни идеи и решенија, повикот за аплицирање на INNO-SAE е отворен до 20 јуни 2020. Повеќе детали за повикот може да се најдат на нивната веб-страна.
Единствениот услов кој треба да го исполнува еден тим е да има иновативна идеја, по можност интердисциплнарна, и истата да може да се демонстрира преку практично развиен прототип. Секако, да се има и желба да се сработи целиот проект.
*Фотографиите се преземени од веб-страната на ИНОФЕИТ
Comments