Панел дискусија „Човекови права и слободи пред, во и пост-корона ерата“
- Авангарда
- May 4, 2020
- 4 min read
Пандемијата со коронавирусот во светски рамки игра голема улога во животите на луѓето. Таа ги натера државите низ целиот свет да ја намалат слободата на своите граѓани. За борба против вирусот, од луѓето се бара да останат дома, да се воздржат од работа или училиште и да се вклучат во новиот процес на социјално дистанцирање, а во некои држави тие и се принудени на тоа. Иако многумина се согласуваат со мерките и ограничувањата, голем дел од луѓето не ги сметаат за неопходни заради тоа што слободата сериозно се доведува во прашање, но истовремено и економската и психолошката благосостојба на луѓето. Во таа насока вчера со почеток од 18:00 часот на видео конференциската палтформа Zoom.us се одржа онлајн дискусија на тема “Човекови права и слободи пред, во и пост- корона ерата”. Човековите права и нивното почитување како важен сегмент од општественото живеење на луѓето, во оваа вонредна ситуација и те како се засегнати. Дали и колку слободните и демократски општества можат да си дозволат ограничување на правото на движење на луѓето, слобода на собирање и здружување, и сите останати права кои се засегнати од актуелната ситуација?
На темата говореа Проф. Д-р. Каролина Ристова – Астеруд и Доцент Д-р. Марко Кртолица, двајцата од Правниот факултет “Јустинијан Први”. Дискусијата беше организирана од Комисијата за студентски дискусии на Факултетското студентско собрание при Правниот факултет “Јустинијан Први”. Д-р Каролина Ристова -Астеруд во диксусијата се осврна на темата од два аспекти: позитивно правна смисла и гледање на оваа проблематика низ детерминирачките трендови што постојат. Според неа слободите и правата не се нешто метафизичко туку имаат многу важни емпириски последици за сите, како за животот и здравјето така и во еден покомплексен пристап кон работите, правниот поредок фукнционира на поинаков начин, но не го снемува целосно. Професорката исто така идентификуваше либерализам од аспект дека централна улога има индивидуата со нејзините слободи и права која што одлучува сама за себе, на која не смеат да и бидат ограничени човековите права освен во воена состојба, а кои сега се значително повредени, како на пример слобода на совест и слобода на вероисповест. Наспроти либерализмот, авторитаризмот кој што може да се насети во некои држави прави нарушување на слобода на движење, нарушување на приватноста (преку разни апликации за следење на контакти) како и нарушување на слободата на говор и изразување. Аспектот кој што исто така беше опфатен од страна на Професорката Каролина Ристова – Астеруд, беше дефинирањето на глобализмот наспроти суверенизмот во актуелната ситуација. Професорката истакна дека во оваа ситуација секоја страна си ги бара аспектите кои што на неа и одговараат. Така што глобалистите сега се залагаат за глобално здравство, додека пак суверенистите истакнуваат дека да не била глобализацијата ова не би било глобален проблем, нивниот став е дека секоја држава во оваа ситуација си го гледа својот интерес. Според Професорката, во нашата држава се направени сериозни ограничувања на слободата на движење, притоа додаде дека ограничувањата треба да бидат сразермни, да нема ограничувања ако може целта да се постигне со поблаги алтернативни мерки и тие да се во согласност со стандардите на демократско општество. Според неа, најпрво по актуелната состојба ќе има обид за нормализација и враќање во поранешната состојба, потоа ќе се санираат последиците и на крај ќе се бара истрага за целокупната ситуација. Како Кина би реагирала на тоа? Дали ќе има ренесанса на националните држави? Зошто Европа и западот како демократски држави во мерките ја следат Кина која што тоа не е? Се прашања кои се уште остануваат не одговорени. Вториот панелист на дискусијата беше Доцент Д-р Марко Кртолица кој во своето излагање започна со констатација дека состојбата е тешка, сите се плашиме за сопственото здравје, но и за здравјето на политичкиот систем односно демократското здравје. Тој говореше за популистичките дејствувања во актуелната ситуација.
Според Д-р Марко Кртолица во последните 10 години квалитетот на демократијата се намалува, исто и заштитата на човековите права и слободи се повеќе трпи - тоа се должи на подемот на популизмот и радикално десничарските лидери. Тоа може да се забележи во повеќе држави каде радикалните десничарски партии освојуваат големи изборни резултати, а некаде дури и креираат влади. Тој издвојува дека ситуацијата со коронавирусот може да влијае и негативно и позитивно на радикално десничарските партии. Според него, негативно влијание би имало во државите каде што политичарите го потценија вирусот и каде што нудат лесни решенија што не се ефективни. Но, исто така и потребата за креирање на противник на радикално десничарските партии би влијаела негативно затоа што многу е тешко во оваа ситуација каде се потенцира обединетост на граѓаните да најдат противник. Позитивното влијание може да биде така што авторитарните аспекти ќе се зајакнат, што би им одговарало на десничарските партии. Тоа според Д-р Марко Кртолица се случува во општества што немаат демократски имунитет и имаат контрола на медиуми преку која политичарите ги прикриваат грешките. Д-р Марко Кртолица заклучува дека се уште не е целосно јасен впечатокот, она што би можело да следи после светската пандемија е невидливост на лимитот на популизмот во периодот што доаѓа, дополнително и лошата економска состојба што следи би можела да го поттикне растот на рејтингот на десничарските партии. Условите ќе се погодни за раст и на радикалната десница, но и за левицата, се ќе зависи од одговорот на политичарите и просторот кој ќе го остават за другата страна.
Во дискусијата учествуваа и студентите кои на крајот ги поставија своите прашања поврзани со темата. Едно од прашањата што ги поставија беше која држава според професорите најдобро се справува со коронавирусот, на што двајцата одговорија дека се уште е рано тоа со сигурност да се каже, но кога би морале да издвојат една тоа би била С.Р. Германија.
Comments