top of page

Половично спроведена онлајн настава - Факултетите молчат

Со почетокот на вонредната состојба и затворање на високообразовните институции во земјава, сите предавања и активности на факултетите беа префрлени онлајн. Ова подразбираше продолжување на редовните предавања на професорите од сите факултети и институти преку некоја од платформите за видеокомуникација достапни за јавноста.


По само неколку дена од почетокот на онлајн наставата, голем број на студенти се пожалија на несериозност од страна на професорите за ваквиот алтернативен начин на држење настава.






Со цел да се добие вистинска слика дали ваквите предавања се одржуваат или пак студентите се оставени на цедило, Комисијата за настава при Универзитетското студентско собрание на УКИМ во изминатиот месец отвори образец за пријавување на нереализирана онлајн настава.


На овој образец студентите анонимно можеа да ги пријават сите професори кои немаат стапено во контакт со студентите по вонредната состојба и не продолжиле со предавањата по својот предмет.


Резултатите од образецот, заклучно со месец април, покажаа дека на повеќе од половина од факултетите при УКИМ се јавил овој проблем. Во рок од еден месец, до комисијата стигнаа повеќе од 80 пријави од 14 различни факултети. На половина од нив бројката на професори кои не стапиле во контакт со студентите е над четири, додека пак на Филозофскиот и Машинскиот факултет при УКИМ, повеќе од десет професори беа пријавени за неодржување на онлајн настава.


Поголемиот дел од нив беа пријавени бидејќи воопшто не стапиле во контакт со своите студенти по вонредната состојба, но има и онакви кои оставиле на студентите сами да го поминат материјалот и да се подговат за испитната сесија.


„Комуницира со нас преку мејл, ни кажува кои вежби треба да ги решиме и да и ги испратиме. Но, нас ни е потребно да имаме и предавања како би можеле успешно и лесно да ги завршиме задачите кои ни ги дава на неделно ниво“, стои во една од анонимните пријави упатени кон професорка од Педагошкиот факултет.


„Ни напиша само еден меил дека нема можност да држи онлајн настава и ни испрати премногу материјали и ни кажа да се снајдеме самите и веднаш да почнеме да учиме“, вели студентка од Филолшкиот факултет за својата професорка. „Станува збор за предмет за кој мора да се одржува настава бидејќи материјалот бара дополнително објаснување“, дополнува таа.



„Спроведувањето на онлајн настава на УКИМ од самиот почеток претставуваше нов предизвик како за студентите така и за професорите. Колку и да се бараше оправдувања од страна на професорите, Комисијата за настава при УСС сметаше дека мора да се направи некаква контрола на реалното спроведување на онлајн наставата“, вели Ејуп Ќазими, претседател на Комисијата за настава при УСС-УКИМ.


„Не знаејќи ги причините за неостварување на основната обврска и должност на професорот, бидејќи можеа да бидат различни, ние како комисија бевме целосно отворени за помагање при овој процес на било кој од факултетите на УКИМ. Иако ни бројката на пријави кои пристигнаа при спроведената анкета од страна на УСС не е мала, уште повеќе загрижува реалната бројка која покажува дека на голем број на студенти им е скратено правото да следат настава во тековниот семестар“, потенира тој.


Во изминатата седмици, Комисијата ги достави сите пријави до соодветните Факултетски собранија, кои пак велат дека е постапено според пријавите, професорите се контактирани и голем дел од нив започнале со држење на редовни предавања.


Меѓутоа кај дел од професорите, од најразлични причини, сѐ уште постои негодување кон ваквиот вид на настава и одбиваат да започнат со нејзино применување.


Ваквиот проблем беше најизразен на Факултетот за Музичка уметност и на Шумарскиот факултет при УКИМ, каде дел од професорите не само што прекинаа да држат настава на каков било начин во текот на семестарот, туку и целосно одбиваа да соработуваат со студентските собранија и да дојдат до некакво решение.


„Авангарда“ ги контактираше Факултетите со надеж дека ќе добиеме одговор за причините за ваквата ситуација, но од нив одговор не добивме.


Наставниот дел од семестарот веќе заврши и, сведочејќи го ваквото фијаско на ниво на целиот Универзитет, студентите се подготвуваат за претстојната јунска испитна сесија. Се поизвесно е дека ваквите проблеми, кои свој корен наоѓаат во институционалната неподготвеност на Универзитетот, ќе се провлекуваат и во текот на летото. Студентите се оставени на цедило на неодговорните и несоодветно подготвени кадри и раководни лица на Факултетите да го издиктираат темпото со кое УКИМ ќе влезе во летниот период.


422 views0 comments
bottom of page