top of page

Позитивна дискриминација - Неисполнив идеал или реално решение за општествените проблеми?

Во современата доба речиси никој не го оспорува фактот дека постои дискриминација кон одредени групи. Секој од нас би можел да рече дека е на еден или друг начин дискриминаран во општеството во кое што живее, дали тоа е поради неговата економска класа, полот, родот, етникумот, степенот на образование и многу други основи. Воедно, не може да се избега и од фактот дека некои луѓе се далеку подискриминари во нашето општество, колку и на моменти да ни е тешко да се ставиме во нивните обувки.


Да тргенеме од минатонеделното полициско насилство врз припадник на ромската заедница, потем да се потсетиме на нападот на Бекир Асани поради неговата сексуална ориентација, но да се потсетиме и на фактот дека жените заработуваат помалку од мажите, јаз кој на ниво на Република Македонија изнесува 19%.

И покрај тоа што навидум изгледа дека на некој му одговара таа ситуација на постоење на јасни разлики помеѓу луѓето во нашата заедница, сепак неизбежни се два аргументи кои го докажуваат спротивното.

Првично е јасно дека тие што се опресирани во одредена заедница ќе превземат се што е во нивна можност за да се изборат за нивните права. Во најекстремни услови тоа би довело и до активна отпорност кон државата во форма на протести, конфликти, револуции. Ниеден народ низ историјата кој бил угнетуван не подлегнал мирно под власта на окупаторот.

Втората причина зошто дискриминацијата не е во прилог никому е економскиот благодет. Земјите кои ги дискриминираат маргинализираните групи, исто така, имаат тенденција да бидат помалку иновативни - размената на идеи помеѓу различни луѓе раѓа свежи идеи што доведуваат до нови деловни можности, производи и услуги.


Законот за спречување и заштита од дискриминација во Македонија гласи:

,,Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа”.

Тоа ни наведува дека според правните норми во Македонија, секој е еднаков пред законот и треба да биде третиран така од институциите.


Но, дискриминацијата врз основа на одредени атрибути, како што се возраста, полот, расата или попреченоста, не секогаш е спротивна на законот. Во одредени случаи постои таканаречена ,,позитивна дискриминација”, односно давање предност на оние групи во општеството кои честопати се третираат неправедно поради нивната раса, пол, итн.

Терминот „позитивна дискриминација“ се користи за означување на спроведувањето на „позитивни мерки“ или „специјални мерки“. Специјалните мерки имаат за цел да поттикнат поголема еднаквост преку поддршка на групи луѓе, кои се соочуваат или историски се соочиле со вкоренета дискриминација, со цел тие да имаат сличен пристап до можностите како и другите во заедницата.

Една мерка може да претставува посебните квоти за стипендии за лица од маргинализираните етнички заедници. Друга мерка може да биде процесот на зголемување на бројот на вработени од недоволно застапени групи - како што се етнички малцинства, жени или инвалидни лица - на работни места од кои историски биле исклучени и дискриминирани при вработување. Позната е и мерката за квота од 30% за Жени во Собранието на Република Севрена Македонија.

Но за да дојдеме до објективен заклучок дали позитивната дискриминација е во корист на општеството треба да ја разгледаме обострано идејата т.е. аргументите за и против.



Аргументите против ваквите мерки, меѓу другото, се:

1. Позитивна дискриминација е обратна дискриминација. Дискриминација на одредени малцински групи не ја оправдува сегашната дискриминација на мнозинството. Сите луѓе се еднакви според законите во Република Македонија и треба да се третираат соодветно.


2. Позитивната дискриминација ја уништува идејата за меритократија (систем во кој економските добра или политичката моќ се дадени на луѓе врз основа на вложениот талент, напор и достигнувања) и наместо тоа ги става идентитетските карактеристики како доминантен фактор во постапките за прием и вработување. Најдобрите луѓе за оваа позиција треба да бидат поставени таму, без оглед на расата, полот и другите карактеристики. Едноставно да имате луѓе од различни раси или етникуми на работното место/универзитетот не мора да значи разновидност на мислење. Луѓето со иста боја на кожа не се нужно исти според нивните мислењето, ставови или културните карактеристики.

3. Позитивна дискриминација ги зајакнува стереотипите и расизмот заради претходната точка. Луѓето поставени на позиција чисто поради афирмативно дејствување честопати не се квалификувани и со самото тоа се зајакнува идејата дека сите луѓе од таа раса, пол итн. се „неинтелегентни“. Со други зборови, за луѓето кои дискриминираат и се немаат стекнато со соодветно образование и воспитување, позитивната дискриминација ќе им служи како аргмент за да продолжат да си ја продлабочуваат омразата кон маргинализираната група.

4. Креира дополнителни стереотипи дека сите луѓе со иста боја на кожа се од пониската класа и затоа им е потребна помош. Ова исто така ги зајакнува стереотипите, па дури и трајно ги вградува во системот. Не е можно само да нагласиме дека одредена група е непривилегирана наспроти другата. Простото генерализирање на нештата не овозможува на вистинските загорозени лица да им се помогне.


Од друга страна пак, аргументите кои ја поддржуваат ваквата мерка се:

1. Позитивната дискриминација е начин да се обезбеди, но и одржува разновидност во училиштата и работните места. Со тоа, исто така, се помага во создавањето толерантни заедници затоа што ги изложува луѓето на различни култури и идеи кои се различни од нивните.

2. Таа им помага на загрозените луѓе кои доаѓаат од области на земјата каде што нема многу можности за напредок. Со други зборови, тоа им дава на сите еднакво поле за игра.

3. Афирмативната акција е начин да се помогне во компензирање на фактот дека, поради долгогодишното угнетување, „некои трки започнале со нееднаков старт“. Ова повторно претставува израмнување на полето за игра. Аргументот е суштински познат како принцип „максимин“ од Џон Ролс, затоа што се обидува да ја зголеми благосостојбата на оние на минималното ниво на општеството.


Во реалноста, без оглед на тоа какви ефекти има, позитивната дискриминација е намената за земји со стабилен правен систем, каде се почитуваат институциите и законите. Кога зборуваме за воведување на политики за позитивна дискриминација во Република Македонија доаѓаме до конфликт помеѓу идеалното опшество и депресивната реалност. Ова, пред се, се случува во самиот едукативен систем кој треба да биде темелник за изучување на негативните ефекти од дискриминација. За разлика до тоа, тука се среќаваме со дискриминирачки материјал кој до ден денес не е променет.

Меѓутоа, независно од образованието, ние сме во најголема мера опкружени со дискриминација врз основа на политичко уверување. Ова подразбира дека без разлика на тоа на кој етникум, род, пол или сексуална ориентација припаѓате, се додека сте во вистинската партија - Вие ќе просперирате во кариерата.

На самиот крај може да се увиди дека колку и да има позитивни аргументи за спроведување на позитивна дискриминација во земја полна со омраза и нееднаквост како што е Македонија, партиската окупација врз државата останува главна пречка за спроведување на какви било прогресивни политики. Воедно ова значи дека ние не може и не треба да се надеваме дека кое било странско влијание ќе ни донесе просперитет и еднаквост за сите. Напротив, повторно и повторно ни е нагласено дека промената треба да дојде од самите нас, граѓаните. Се додека ние самите го креваме гласот против јасна дискриминација, нештата може да одат само на подобро.



Дарко Милошевски

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page