Студентите на ФЕИТ со критики и предлози за работата на Факултетот
- Авангарда
- Sep 23, 2020
- 3 min read
Во пресрет на претстојната учебна година која што несомнено претставува предизвик за сите сектори од нашето општество во услови на светска пандемија, најголемиот дел од политиките за справување со кризата беа донесени од страна на државните институции и установи.
По првобитниот удар кој беше зададен врз здравството, неминовно се очекуваше последиците да ги сноси и високото образование коешто своите активности ги координираше врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Владата. Вирусот ги принуди сите факултети при УКИМ да се прилагодат на настанатите услови и да се свртат кон дигитално спроведување на наставата и испитите.

Како општество имавме на располагање неколку месеци да експериментираме со дигитализирање на функционирањето на високото образование. Резултатите од ваквиот образовен и социјален експеримент почнуваат да ја добиваат својата јасност преку реакциите на студентите кои секако, не смеат да бидат изоставени во целиот процес на одлучување во која насока ќе се одвива академскиот живот во учебната година која што е во надоаѓање. Еден од факултетите чии студенти го делеа предизвикот причинет од страна на корона-кризата беа и студентите на ФЕИТ. Затоа решивме да ги согледаме нивните судови околу сето она што во ретроспектива се случуваше на ФЕИТ и да ги пренесеме нивните очекувања во релација со нивниот факултет.
Во однос на прашањето дали се задоволни од начинот, квалитетот и организацијата во која што се спроведуваа испитните сесии, добивме релативно позитивни одговори во кои студентите се особено задоволни од одвивањето на испитите со физичко присуство додека пак, сеуште постои неодлучност и дилема околу квалитетот кој го нуди онлајн полагањето на испитите.
„Комбинираниот начин на полагање (онлајн и со физичко присуство) беше добро спроведен. Сите мерки за заштита беа испочитувани, а воедно и организацијата на испитите беше добра“, велат студентите на ФЕИТ.
„Делумно сум задоволна во поглед на организирањето нa распоредот на испитите, но воопшто не сум задоволна од фактот што поголемиот дел од испитите се одржуваа со онлајн полагање, за кое лично јас сметам дека не е најверодостоен начин да се оцени знаењето на студентите“, изјавува нивна колешка.
„Online полагањето не дава реална слика за тоа колку студентот го разбрал материјалот и самостојно го реализирал испитот за предмети каде што прашањата беа на заокружување“, дополнува таа.
Поголемиот број на студенти и понатаму остануваат уверени дека препорачливо е наставата да се одвива со физичко присуство во контролирани услови поради самата природа на предавањето и предметите кои понекогаш вклучуваат и лабораториски вежби. Токму лабораториските вежби беа најчесто спомнуван проблем настанат во текот на одвивањето на наставата за време на претходниот семестар поради неможноста истите да се остварат со физичко присуство.
Запрашани за комуникацијата со професорите, наидовме на мешавина од позитивни и негативни искуства, но и на заедничка желба за работа на подобрување на самата комуникација во следната учебна година.
Проблем кај кој наидовме на унитарна согласност меѓу сите запрашани студенти на факултетот е негативното влијание што го извршила пандемијата кон нивната мотивација и фокус на студирањето. Ова, според нив, дополнително ја зголемува одговорноста која МОН ја има за изнаоѓање на алтернативни решенија за справување со кризата во високото образование, вклучувајќи го и прашањето за отварањето на студентските домови, кое за засегнатите студенти е од есенцијална важност за нормалното продолжување на нивните студии.
Во таа насока, студентите се согласни за нужноста за отварањето на студентските домови и воедно излегоа со свои предлози во кои како најчесто решение се среќаваше предлогот за распоредување на еден до двајца студенти по соба.
Според овие стандарди МОН и го креираше концептот за работа на студентските домови за претстојната учебна година. Министерството вчера излезе со официјална информација дека домовите ќе се отворат и ќе функционираат во текот на целата година со половичен капаците.
Позитивна оценка за нејзината работа доби административната служба при факултетот која според студентите ефективно се прилагодила на новонастанатата состојба и на навремено ја извршувала својата дејност, но истовремено со препорака дека во иднина заверувањето и запишувањето на семестри и предмети би можело целосно да се одвива по дигитален пат со што би се избегнале непотребните собирања и ќе се олесни работата на студентските прашања.
И покрај сите предизвици со кои се соочија студентите на ФЕИТ, сепак од нивните изјави може да се заклучи дека факултетот релативно добро се справил со новонастанатите околности и помеѓу нив владее оптимизам и доверба дека нивниот факултет одговорно ќе пристапи кон задоволување на нивните потреби, грижа за нивното здравје и пред се, обезбедување на квалитетна настава.
М.Т.
Comments