top of page

Приказната за Колин Каперник

Доколку не сте љубители на американскиот фудбал (фудбал, не рагби) и не ја следите детално ситуацијата во САД моментот, името Колин Каперник (Colin Kaepernick) не ви значи ништо и не ве обвинувам. Да не бев толку голем лунатик кој следи се од спортови не верувам дека ни јас би го знаел.


Но, имајќи ги предвид случувањата кои веќе две недели се актуелни низ Америка, неговото име се почесто се споменува и сѐ уште е актуелен па затоа сакав да напишам збор два за него и неговата приказна.



КОЈ Е КОЛИН КАПЕРНИК?


По завршувањето на неговата колеџ фудбалска кариера во Невада, тој е избран како пик од втора рунда на драфтот во 2011 година од страна на Сан Франциско 49ерс. Како квортербек, Каперник го водеше тимот до Супер Болот следната година и конференциско финале во 2013, израснувајќи во еден од највозбудливите млади ѕвезди на лигата. Но, после неколку сезони со мешани резултати, тој ја започна 2016 сезона како резерва.


Сепак, Каперник оваа сезона не ја обележа по играњето фудбал.


На една од првите пред сезонски натпревари на домашен терен, тој одлучи да седи на клупата за време на интонирањето на химната. Кога беше запрашан од новинар после натпреварот, тој објасни:

„Нема да застанам да изразам гордост на знамето на земја што ги угнетува Афро-американците. За мене, ова е поголемо од фудбалот и би било себично од моја страна да премолчам.“

Летото кое претходеше на ова, имаше неколку пукања во невооружени црнци, а Каперник беше свесен дека неговите постапки може да имаат последици.


Ако ми го одземат фудбалот, моите спонзорства од мене“, рече тој, „тогаш ќе знам дека сум се залагал за нешто што е правилно“.


Тој продолжи и следната недела во Сан Диего, каде беше придружен од неговиот соиграч Ерик Рид. После разговор со Нејт Бојер, ветеран во војската на САД и фудбалер, тој одлучи наместо да седи за време на химната, да клекне на колено (take a knee).

„Војниците клекнуваат пред гробот на паднатиот брат, знаете, да покажат почит.“


Ваквиот вид на протест продолжи во текот на целата сезона и предизвика лавина на реакции. Голем број на играчи во повеќето екипи му се придружија на Каперник во протестите, но тој наиде на голем противник во Доналд Трамп, неговите гласачи и сопствениците на тимовите.


Самиот Каперник беше окарактеризиран како анти-американец кој не си ја сака државата. На тоа тој се обиде да објасни уште еднаш зошто протестира:

„Уште еднаш, не сум анти-американец. Ја сакам Америка. Ги сакам луѓето во Америка. Токму затоа и го правам ова. Сакам да помогнам да ја направам Америка подобро место на живеење.“

Каперник нема играно професионален фудбал од последниот натпревар во сезоната, одигран на 1 јануари 2017 година.


Сепак, протестите не застанаа со неговото неиграње и својот пик го имаа во третата недела од 2017 сезона по изјавата на Трамп кој побара од сите сопственици на тимови да гo отпуштат секој “кучкин син” кој нема да застане за време на интонирањето на химната. Некои од играчите воопшто не се појавија, а други заедно продолжија да протестираат за време на интонирањето на химната.



Како одговор на тврдењата дека Каперник и останатите играчи ја таргетираат војската, голем дел од нив се обидоа да ја разјаснат нивната порака и истакнаа дека се обидуваат да ја подигнат свеста за полициската бруталност и социјална неправда која се случува врз Афро-американците.


Ниту Националната фудбалска лига (НФЛ) не застана зад Каперник и играчите кои продолжија да протестираат. По завршувањето на 2017 сезона, сопствениците на тимовите одлучија дека секој играч кој ќе протестира за време на химната може да биде казнет од страна на самиот тим, а дозволија играчот да може да остане во соблекуваната. На ова, Трамп одговори позитивно но истакна дека доколку играчот не застане за химната, “можеби и не треба да биде во државата.“


КАДЕ Е СЕГА КОЛИН КАПЕРНИК?


Додека тимовите потпишуваа под-просечни фудбалери и одбиваа да му дадат шанса на Каперник, тој одлучи да ја тужи лигата, обвинувајќи ги сите 32 тима за заговорање за да го остават надвор од лигата.


На 30 август 2018 година, судијата Стивен Б. Бурбанк рече дека адвокатите на Каперник имаат доволно информации за случајот да се продолжи на целосна расправа, изјава која одеше во прилог на одбраната на Каперник. Во февруари 2019 година Колин Каеперник и НФЛ постигнаа договор, при што двете страни потпишаа договор за доверливост.


Надвор од неговата правна битка со НФЛ и големиот број на средства кој самиот тој ги донираше на голем број организации, Каперник стана лик и глас на рекламна кампања на Најк што привлече пофалби, но и критики.


Тој продолжи да има улога во обликувањето на одлуките на Најк; компанијата ги откажа плановите за производство на патика со знамето со 13 ѕвезди познати како Бетси Рос, делумно затоа што Каперник приватно ја критикуваше неговата употреба од расистички групи. Во наградуваната реклама на Најк наречена „Dream Crazy“, Каперник рече: “Верувајте во нешто, дури и ако тоа значи да жртвувате сè“.


Кога станаа познати околностите на смртта на Флојд, Каперник реагираше со твит:

“Кога граѓанството доведува до смрт, бунтот е единствената логична реакција“.

Каперник започна и фонд за правна одбрана за демонстрантите во Минеаполис.



АМЕРИКА ДЕНЕС


Причината зошто сакав да ја споделам оваа приказна е фрустрацијата која секојдневно ја добивам кога ќе прочитам луѓе, најчесто оние кои не се директно погодени од полициската бруталност бидејќи се белци, како се обидуваат да го направат насилството и кражбите главна тема на разговор во моментов и повикуваат на мирни протести.


Истите тие кои го нарекуваа Каперник анти-американец, бараа негово отпуштање и палеа патики на Најк поради мирните протести кои Каперник ги започна за да ја подигне свеста за полициската бруталност и неправдата која се случува врз Афро-американците, сега се главни промотори на истите.


Не знам за вас ама за мене тоа се само обични лицемери, на чело со Трамп, кои ќе направат сѐ за да не зборуваат за вистинските причини и проблеми.


Но, тоа не е случај со Дру Брис, квотербек на фудбалската екипа од Њу Орлеанс. После првичната изјава пред некој ден кога рече дека никогаш нема да ги поддржи протестите за време на химната бидејќи ги смета за непочитување на државата и сите оние кои загинале бранејќи ја, тој ја повлече таа негова изјава.


Голем број на спортисти ширум Америка, дел негови соиграчи и пријатели, излегоа и му објаснија зошто всушност беа протестите и како тие воопшто не беа насочени кон непочитување на војската и државата.


“Во обид да зборувам за почит, единство и солидарност центрирано околу американското знаме и националната химна, дадов коментари кои беа бесчувствителни и целосно ја промашив ситуацијата со кои се соочуваме сега, како земја. Ним им недостигаше свест и каков било вид сочувство или емпатија. …. Јас ја преземам целата одговорност. Признавам дека треба да зборувам помалку и да слушам повеќе... и кога тие зборуваат за нивната болка, сите треба да слушаме.“

Трамп, сепак, не издржа да не се вмеша во целава ситуација и твитна дека Брис не требало да ја повлече изјавата.



Ова е одговорот на Брис:


“Преку моите тековни разговори со пријателите, соиграчите и водачите во општеството, сфаќам дека ова не е проблем за американското знаме. Никогаш не било. Ние веќе не можеме да го користиме знамето за да ги свртиме луѓето или да ги одвлекуваме од вистинските проблеми со кои тие се соочуваат.


Ова го сторивме во 2017 година, и за жал, гo повторив со моите коментари оваа недела. Ние мора да престанеме да зборуваме за знамето и да го свртиме вниманието кон вистинските прашања на системска расна неправда, економско угнетување, полициска бруталност и судски и затворски реформи.


Ние сме во критична точка во историјата на нашата нација! Ако не сега, тогаш кога? Ние треба да слушаме и да научиме од болката и страдањето на погодените од ова. Ние мора да ги признаеме проблемите, да ги идентификуваме решенијата и потоа да ги поставиме во акција. Тие не можат сами да го стори тоа. За ова ќе сме потребни сите ние.“


Биди Дру Брис, а не Доналд Трамп!



Ѓорги Георгиев


Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page