Сергеј Попов, претседател на УМС: Ќе ги слушнеме сите предлози и ќе понудиме опција за младите
- Авангарда
- Oct 7, 2020
- 5 min read
На 1 септември, партискиот помладок на партијата ВМРО-ДПМНЕ го доби својот нов претседател - Сергеј Попов. Попов е апсолвент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и е досегашен претседател на градскиот комитет на УМС на ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение можете да прочитате дел од разговорот со него околу важноста на младинското учество во креирањето на политиките, главните проблеми со кои младите денес се соочуваат, но и дел од неговите идеи и перспективи за нивно решавање.

Која Ви беше мотивацијата да навлезете директно во политиката и креирањето на младинските политики?
Следејќи ги актуелните општествени движења, уште како средношколец, почувствував желба да станам активен чинител на креирањето на младинските политики во земјата. Единствената политичка партија преку која сметам дека можам да придонесам за создавање на подобри услови за младите беше ВМРО – ДПМНЕ. Принципите врз кои се темели структурата и начинот на дејствување на УМС, пак ми отворија можност да станам активен чинител на промените, со цел враќање на довербата кај младите во татковината во која тие ќе можат да ја градат сопствената, но и иднина на своите поколенија.
Десничарската идеологија, патриотизмот и желбата за промени во Македонија се дел од мојот карактер. Јас сум дете растено во духот на овие вредности, па од тука произлегува и мотивот од млади години да се вклучам во политичката структура која јасно и недвосмислено стои зад својата мисија, визија и стратешки цели. За зачувување на традицијата, зајакнување на националното единство, градење општество на еднакви можности и негова интеграција во современите цивилизациски системи.
Како нов претседател на УМС, кои новости планирате да ги имплементирате и што може да очекуваме во иднина од Вас?
Секоја општествена промена започнува токму од младите, па од тука и мојата посветеност како претседател на УМС, да застанам на чело на промените кои се од витален интерес за перспективата на секој млад индивидуалец во земјава. Како Унија на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ ќе се отвоориме за сите, ќе ги слушнеме сите предлози и ќе понудиме опција за младите.
Издигнување на квалитетот на образованието на ниво на современите европски образовни системи, размена на искуства и знаења со европските младински организации за зајакнување на животниот стандард, утврдување на критериуми врз кои ќе се врши градација на квалитетот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, отворање на широк спектар на олеснителни можности за започнување на сопствен бизнис за млади до 29 години се само дел од новата стратегија за млади, преку која како претседател на УМС, сакам да допрам до егзистенцијалните потреби со кои се соочува секој млад човек во земјава.
Знаеме дека ВМРО - ДПМНЕ е демохристијанска партија, но која е вашата идеолошка определба на политичкиот компас и кои се политичарите на кои им се восхитувате?
Мојата идеолошка определба е десно од центарот и е конзервативна. Се восхитувам на секој поличар кој успеал да донесе добро и големи победи за својот народ и држава. Како пример би го навел Франклин Рузвелт кој во моментот во кој се наоѓаме преставува интересна историска паралела. Тој доаѓа на власт после Големата депресија во 1932 година, преку Њу Дил успева да ја врати американската екомонија на здрави нозе и ги предводи САД низ втората светска војна од која тие излегуваат како водечка светска сила.
Kои, според Вас, се главните проблеми со кои се соочува младината во Македонија и каде го гледате нивното решение?
Невработеноста, нискиот животен стандард, лошиот квалитет на образование, дисфункционалноста на општествените вреднувања на нивниот труд и знаење се само дел од отворените прашања и дилеми кои го тиштат секој млад човек во земјава.
Овие и низа други проблеми се повеќе ги наведуваат младите својата перспектива и потрагата по подобра егзистенција да ја бараат надвор од границите на нашата татковина. За жал.
Но јас лично, заедно со мојот тим, ќе вложиме максимални напори да ја промениме ваквата бесперспективна слика за системот во кој се родиле моите врсници и со заеднички сили ќе влеземе во процес на враќање на довербата кај нив.
И овде, во оваа земја, може да владее правото, да се вреднува нивниот труд, да се живее достоинствено и да се гради иднина за себе и за своите идни поколенија.
Дали сметате дека младината е пасивна во борбата за нивните права или пак се преоптоварени со политика?
За жал, апатијата кај младите да бидат активни реформатори на сопствената иднина зема се поголем замав. Актуелните политички процеси, кои ги подрија основните темелни и национални вредности, во голема мера влијаеа врз пасивизацијата на младите и нивната желба активно да се вклучат во промените кои ќе им донесат подобар и поправеден живот во татковината.
Но, како што нагласив пред малку, јас и мојот тим од млади полни со ентузијазам, знаење и искуство, поттикнати од желбата за промените кои треба да дојдат, ќе ја посетиме секоја педа од нашата татковина, ќе тропнеме на секоја врата и ќе допреме до секој млад човек, за заедно со него да влеземе во процес на враќање на довербата кај нив.
Само заедно, со здружени сили, можеме да изградиме економски перспективна и социјално праведна држава за сите. Пасивното набљудување на ерозијата која се случува во македонското општество не прави соучесници на оние кои секојдневно ги рушат темелите на националното достоинство, самобитност, историја, човечки вредности.
Но, јас лично како претседател на најголемата младинска организација во земјава, но и дел од генерација која покажала дека умее да ја земе судбината во своите раце, ве уверувам дека нема да го дозволиме тоа. Со здружени сили, единствени и сплотени, без разлика на својата верска, етничка или социјална припадност, како млади луѓе ќе му се спротивставиме на овој дерогирачки процес.
Како ја гледате моменталната состојба со образованието и што би препорачале?
Лошото менаџирање на образовните процеси во земјава во услови на пандемија се на виделина за целата македонска јавност. Учениците првиот училишен ден не го поминаа на училиште туку дома, а и оние кои тргнаа на училиште беа пречекани од стари и искинати учебници кои не беа заменети со нови. Поголемиот дел од училиштата ширум државата се руинирани. Учениците, за жал, своето образование на сите нивоа го стекнуваат во катастрофални услови.
Сведоци сме сите дека онлајн наставата уште на самот старт доживеа дебакл. Овој вид настава на далечина дополнително ги продлабочи социјалните разлики со кои голем број основци и средношколци од ранливите категории останаа без основните технички средства за следење на наставниот процес, што е основен предуслов за градење современ образовен систем подеднакво достапен за сите.
Дополнително, нашата власт не само што нема капацитет да го реализира планираниот буџет за образование, туку и она малку што е определено за оваа ставка во буџетот беше скратено.
Младите се иднината, а ваквата негрижа и неспособност ги демотивира младите кои во се поголем број носат одлука да ја напуштат земјата. Тоа значи дека власта не само што ги уништува стандардите во образованието, туку ја уништува и се откажува од иднината на нашата држава.
Како претседател на УМС, кои културни промени би ги донеле во нашето општество?
Воден од максимата „повеќе за секого“, ќе вложам максимални напори за зајакнување на културните вредности кај младите преку ревитализација на голем број настани кои на младите им го скратија правото на културно воздигнување и развој на нивната креативност и перспектива.
Во соработка со другите организациони единици на мојата партија, се обврзуваме на обновување, модернизација и издигнување на пиедестал на нашето богатство што ќе значи капитален проект за дигитализација на културното и уметничкото наследство, со цел истото да го сочуваме од заборавот на времето и да го направиме подостапно за јавноста. Се залагаме за обнова на нашите установи од областа на културата. Во стратегијата за млади која набрзо ќе ја промовираме ќе има визија за секој еден сегмент од општественото живеење.
Нашата Унија на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ ќе се бори за сите категории на млади луге.
Д.М.
Comments