Што ги прави видео повиците толку заморни и како да се справиме со нив?
- Авангарда
- May 9, 2020
- 4 min read
Замрзнување на екранот, чудно ехо, многу глави со поглед вперени кон вас. Тотален работен метеж, а за крај на денот, тука се и дружбите со пријатели и роднини, каде на друго место, ако не пред компјутер – на видео чат.
Од прогласувањето на Covid-19 пандемијата, сите сме на видео повици многу повеќе отколку било кога порано, а тоа за многу луѓе е исцрпувачки. Па што конкретно, е за нас заморно? Одговор на ова прашање даваат Жанпиеро Петриљери (Gianpiero Petriglieri), водреден професор во INSEAD, кој го истражува учењето и развојот на работното место и Мариса Шафлер (Marissa Shuffler), вонредна професорка на Универзитетот Клемсон, која ги изучува работната благосостојба и ефективноста во тимската работа.

Која е разликата помеѓу видео разговор и тет-а-тет комуникацијата? Што го прави видео разговорот поисцрпувачки?
- Проф. Петриљери смета дека комуникацијата преку видео повик бара повеќе концентрација, поголемо обрнување на внимание. Потребно е да се вложи поголем напор за да се испроцесира невербалната комуникација: експресијата на лицето, тонот на гласот, говорот на телото; а со тоа се зголемува и потрошувачката на енергија. Тој вели дека нашите умови се заедно, кога нашите тела не се. Тоа кај некои луѓе предизвикува конфликтни чувства, непријатна тензија и поради тоа им треба повеќе напор за да дојдат до релаксирано впуштање во разговорот, кое инаку би течело природно при комуникација во живо. Професорот исто така додава дека и тишината е уште еден предизвик. Таа е нормален дел од комуникацијата во живо, но кога ќе се случи на видео повик, предизвикува многу непријатно чувство. Според студија од Германски академици, направена во 2014 година, тишината на телефон или на конференциските системи, дури и ако трае 1 или 2, секунди доведува до перцепирање на соговорникот како помалку пријатен, помалку фокусиран.
- Проф. Шафлер вели дека кога сме физички пред камера, ние стануваме свесни дека сме на сцена, дека некој не гледа. Со тоа се појавува социјалниот притисок и чувство да бидеме перформативни, а тоа може да биде многу стресно. Исто така, тешко е луѓето да не си го гледаат својот лик на екранот и да размислуваат како се однесуваат и како се наместени.
Како моменталната ситуација со пандемијата влијае врз заморот?
- Проф. Петриљери верува дека тоа што се чувствуваме приморани да сме дел од видео повиците е дополнителен фактор кој предизвикува замор.
“Видео повиците се наш потсетник за луѓето кои повремено сме ги загубиле во живо. Се појавува една вознемиреност секој пат кога сме онлајн со некого, на пример колега, и тоа не потсетува дека ние всушност сега треба да сме на работа заедно“, вели професорот.
“Сите сме изморени, без разлика дали сме интроверти или екстроверти, и за време на пандемијава, на сите ни е нарушен дотогашниот нормален, познат, секојдневен тек на одвивање на настаните“.
Исто така, тука се и различните делови од нашиот живот, кои претходно биле одделени: работа, пријатели, роднини - а сега сите се одвиваат на исто место. Теоријата за комплексноста на индивидуата гласи дека секој има повеќе различни аспекти за социјалните улоги, врските кои ги остварува со други луѓе (пријателски, романтични) за разни активности и цели и таа комплексност и варијација е здрава. Кога овие аспекти се намалени, ние стануваме повеќе склони кон негативни чувства, додава тој.
“Повеќето наши социјални улоги се одвиваат на различни места, а сега тоа не е возможно. Па замислете дека одите во бар во кој разговарате со професорите, се среќавате со вашите родители и излегувате со вашиот партнер, малку е чудно нели? Токму тоа моментално ни се случува“.
- Проф. Шафлер вели дека недостатокот на време за релаксирање откако ќе ги извршиме сите работни обврски и фамилијарни должности е дополнителен фактор за замор. Некои ги зголемуваат очекувањата од себеси во ова време поради грижа за економскиот статус или задржување на работната позиција и тоа доведува до прекумерно извршување на задачите со што има дополнително намалување на енергија.
Зошто кога сме на видео повик со пријатели, тоа не не релаксира?
Многумина од нас за прв пат се во такви групни видео повици, без разлика дали станува збор за присуствување на предавање, одржување роденден на пријател или едноставно, групна дружба. Доколку повикот е наменет да биде забавен, зошто може да се почувствуваме заморно?
- Професорот вели дека дел од заморот се должи на тоа дали се приклучуваме на повикот бидејќи сакаме или чувствуваме дека мораме да сме дел од видео чатот. Доколку гледаме на тоа како обврска – пример виртуелна дружба во слободно време со колегите од работа значи дека повеќе се форсираме да сме таму, на тоа гледаме како работен состанок и сето тоа ни делува исцрпувачки, наспроти одморот кој би го имале ако не сме на повикот. Видео повик со пријателите пак, каде можеме да се релаксираме и да бидеме свои, ни влијае помалку заморно.
„Големите групни чатови, се доживуваат перформативно“, вели Петриљери. „Луѓето додека гледаат телевизија со умот може да талкаат, но кај групните видео повици тоа е како да гледаш телевизија и телевизорот да те гледа тебе“.
Како може да го намалиме Zoom заморот?
Двата експерти предлагаат лимитирање на видео повиците, нивно приоритетизирање и остварување на оние кои се неопходни. Исто така, тие велат дека е потребна и пауза помеѓу повиците, време за малку одмор, релаксирање или вежбање.
- Проф. Шафлер смета дека треба да се земе предвид дали е неопходно остварување на состанок преку видео повик. Понекогаш е доволно и да се разменат фајлови со конкретни информации. Таа исто така советува дека е добро да се започне било кој состанок со малку разговор за благосостојбата на присутните. На тој начин, според неа, се реконектираме со светот, се зголемува довербата и ја намалува грижата.
- Проф. Петриљери вели дека вклучувањето на камерата треба да е опционално и треба да постои разбирање дека камерите не секогаш е потребно да бидат вклучени во текот на целиот состанок. Исклучената камера може да допринесе за поголема концентрација. Дури можете, доколку сакате да се поврзете со некого, да пробате некој постаромоден начин.
“Напишете им писмо, кажете им дека навистина се грижите за нив“.
*Текстот е преземен од BBC.







Comments