top of page

СКЕЕОР продолжува со промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој

Студентската конференција Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР е организирана од Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој, под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ Скопје. За СКЕЕОР да прерасне во ова што е, учествувале голем број организации и компании како поддржувачи, кои може да се најдат на официјалната страна на СКЕЕОР. Учесници во досегашните конференции биле студенти од поголем број факултети во Република Северна Македонија: Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет, Технолошко-металуршкиот факултет, Градежниот факултет, Архитектонскиот и Природно-математичкиот факултет, но исто така учествувале и голем број странски учесници од технички факултети од Србија, Бугарија, Португалија, Колумбија, Грција и Словенија.



Главна цел на СКЕЕОР е промоција на идејата за енергетска ефикасност и одржлив развој, размена на нови идеи и искуства меѓу студенти, реномирани професори и претставници на компании кои работат во таа област. Постигнувањето на целите на конференцијата резултира со подигање на свеста за потребата од енергетска ефикасност и одржлив развој и проширување на знаењето на студентите, кои како академски граѓани ќе имаат водечка улога во овие области.


Тимот кој работи на конференцијата го сочинуваат професори и студенти од ФЕИТ, кои се распоредени во надзорен и извршен одбор. Членови на надзорниот одбор се: деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, професор д-р Маргарита Гиновска како координатор на СКЕЕОР, м-р Владимир Ѓорѓиевски и м-р Александар Крлески. Еднаш годишно се организираат внатрешни избори и извршниот одбор се обновува со нови студенти, што дава долгорочна одржливост на конференцијата. Извршниот одбор е составен од пет студенти на ФЕИТ, кои се одговорни за разни функции: Мариела Клековска – претседател на СКЕЕОР, Теодора Стојковска одговорна за финансии, Билјана Панкова, одговорна за ПР и маркетинг, Виктор Сапунџиовски, одговорен за логистика и Давид Ѓорѓевски, одговорен за труд и рецензија.


Заинтересираните учесници може да ги најдат областите на конференцијата на официјалната страна на СКЕЕОР. Научните трудови може да се истражувања кои се работат за дипломски, магистерски, докторски, истражувања од квалитетни семинарски трудови или наменски истражувања на некоја тема од интерес. Секако дозволено е отстапување од предложените области доколку отстапувањето е во рамки на темата на конференцијата.


Ги охрабруваме сите студенти на додипломски и постдипломски студии, генерално од факултетите ФЕИТ, МФС, ТМФ, ГФ, АФС, ФИНКИ, ПМФ и студенти од други факултети кои имаат идеја и желба да учествуваат во конференцијата. Сѐ додека темите и научните трудови се во согласност со правилата и темите на конференцијата, не постојат стриктни ограничувања и услови. Важно е да се напомене дека најмногу два студенти можат да бидат автори на еден труд и се препорачува презентацијата на трудовите да биде на англиски јазик, бидејќи СКЕЕОР има голем број странски учесници. Рокот за аплицирање и испраќање на апстракт ќе биде објавен наскоро и затоа ги советуваме сите заинтересирани да ги следат социјалните мрежи каде ќе бидат навремено известени за сите случувања.


Тема на конференцијата е енергетска ефикасност и одржлив развој. Станува збор за опширна област во која може да се сместат различни дисциплини. Прашањата што ги засегаат енергетската ефикасност и одржливиот развој стануваат сè поактуелни на глобално ниво, бидејќи се јавува неизбежна потреба од изнаоѓање иновативни решенија. Како идни инженери, сметаме дека наша должност е да придонесеме кон решавање на бројните предизвици со кои се соочува модерниот свет. За постигнување на оваа цел, пред сѐ, неопходно е да се стекне што повеќе знаење во оваа област. Подеднакво важна е и размената на меѓународни искуства и контакти.



Процесот на аплицирање е едноставен. Потребно е потенцијалите учесници да пополнат форма и да го испратат апстрактот од научниот труд. Сите важни датуми и формата за аплицирање ќе бидат објавени на официјалната веб страница на СКЕЕОР, но предлагаме и будно следење на СКЕЕОР на социјалните мрежи Instagram и Facebook каде што редовно се објавуваат тековни информации. За дополнителни информации, околу пријавувањето, добредојдени се прашања и на нашата официјална електронска пошта skeeor.sceesd@gmail.com.


Поради ситуацијата со COVID19, овогодинешната Осма Студентска Конференција Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој ќе се одржи on-line, користејќи ја платформата за видео комуникација - ZOOM. Трудовите се презентираат за време на конференцијата. Времетраењето на една презентација е 15 минути, вклучувајќи го и времето за дискусија. Исто така, секоја година бројот на странски учесници на СКЕЕОР се зголемува и затоа, се препорачува презентирањето да биде на англиски јазик.


Секој учесник добива официјален сертификат на англиски јазик. Неформални, но исто така важни придобивки за учесниците на СКЕЕОР, се стекнување знаење и искуство за пишување научен труд, создавање нови конекции со студенти, професори и претставници на компании, проширување на знаењето и поттикнување на иновативно и креативно размислување кое со сигурност ќе им служи во понатамошното градење на личен и кариерен план.


Главниот мотив на СКЕЕОР е градење капацитети кај студентите за истражување и развивање решенија коишто ќе придонесат во борба против климатските промени, локалното загадување и неодржливиот општествен развој. Факт е дека на светско ниво се јавува потреба од промена на начинот на размислување, но и од начинот на кој се користи технологијата. Еден од проблемите е масовната употреба на конвенционалните извори на електрична енергија која, неизбежно, има негативно влијание врз животната средина и живиот свет, неефикасната потрошувачка на енергија и транспортот базиран на фосилни горива. Од тука, следува дека на Земјиниот екосистем му се потребни идни професионалци кои ќе бидат способни и заинтересирани да изнајдат решенија на овие проблеми.


Резултатот од одржувањето на СКЕЕОР е поттикната љубопитност на учесниците и пошироката заинтересирана публика, разбудена креативност и иновативност на младите инженери и проширување на знаењето и контактите кои водат чекор поблиску до подобра животна средина.


По одржувањето на СКЕЕОР, секоја година, се објавува официјален зборник кој ги содржи сите научни трудови и е достапен за студентите и пошироката јавност. На официјалната веб страница, во делот Архива, може да се најдат официјалните зборници на досега одржаните конференции. Додатно, зборникот на СКЕЕОР содржи ISBN (eng. International Standard Book Number).

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page