Skopje Cinema City се враќа повторно на скопската сцена
- Авангарда
- Sep 12, 2020
- 2 min read
Сите љубители на филмот и музиката овој месец ќе можат да уживаат во филмските проекции на шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Skopje Cinema City” кој ќе започне на 19-ти септември во дворот на Кинотека во Скопје. Одвивањето на фестивалот е поделено на два посебни, дводневни делови. Првиот е резервиран за 19-ти и 20-ти септември во кој ќе бидат прикажани четири филмови додека пак вториот ќе се одржи на 2 и 3 октомври и во кој ќе бидат прикажани 6 филмови.

Приказната на Skopje Cinema City започнува во 2015 година чијашто замисла и организација е дело на здружението на граѓани ,,Номад Арт Скопје” и истиот претставува фестивал од интернационален ревијален карактер. Целта на Фестивалот е давање акцент на популаризацијата на документаристиката и музиката, но истовремено подразбира и поширока платформа која, покрај прикажувањето на документарни филмови, нуди и вклучува разнообразни едукативни и музички настани. Оттаму фестивалот е поделен на неколку категории: филмска програма, едукативно-промотивна програма, изложба на фотографии и музички настапи.
Во духот на обичајната практика, како и секоја година, фестивалот започнува со филм посветен за одреден артист а овој пат тоа е филмот „Декади” на Мајк Кристи посветен за бендот „New Order”, кој воедно е добитник и на наградата за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Познати артисти кои во минатите изданија биле почестени со оваа награда се: Влатко Стефановски (2019), Филип Глас (2018), Руичи Сакамото (2017), Леонард Коен (2016) и Дејвид Боуви (2015).
Присутните исто така ќе имаат прилика да го видат и филмот за познатиот холандски фотограф Антон Корбејн под името „Inside Out”, во режија на Клартје Квиреинс.
Визуелните решенија за фестивалот се изготвени од страна на Дијана Димитриевска додека настанот е потпомогнат од Агенцијата за филм и организиран во соработка со Кинотека.
М.Т.
Comentários