СКУН - Студентска конференција на младите уметници и научници
- Авангарда
- Aug 5, 2020
- 3 min read
Овој октомври, Универзитетското студентско собрание на УКИМ ќе организира неколку научно-остражувачки конференции наменети за студентите од сите факултети. Ваквите конференции имаат за цел да ги поттикнат студентите да истражуваат повеќе во својата област, да се надоградат во неа, но воедно и значително да ја развијат креативата кај академската младина, како и желбата и способноста за научно – истражувачка дејност.
Во претстојниот период ќе имате можност да се запознаете со работата, целта и деталите на секоја од овие конференции, како и што се треба да знаете доколку сакате да се пријавите на една од нив.

СКУН - Студентска конференција на младите уметници и научници е конференција организирана од Факултетот за ликовни уметности, Природно-математичкиот и Технолошко-металуршкиот факултет.
Конференцијата е организирана од тим од 8 студенти на трите факултети кои заедно учествуваат во процесот на нејзино подобрување и остварувањез координатор на целиот тим е Деа Митева, студентка на ТМФ.
„Главната цел на конференцијата е подлабоко истражување на областите кои ги изучуваат овие три факултети и допирните точки помеѓу нив кои допринесуваат кон проширување на интердисциплинарните гледишта помеѓу областите на науката, технологијата и уметноста“, објаснуваат од тимот на СКУН.
„Идејата со којашто се води конференцијата е посочување на балансот и хармоничниот тек на сите нешта во природата, воедно и во постоењето. Преку оваа конференција би се промовирала премисата дека енергијата е таа којашто ги поврзува поларитетите и претставува движечко својство во природата, а уметноста и науката се оние кои ја проучуваат нејзината есенција“, дополнуваат тие.
Главната тема на конференцијата е “Сознанието- вистина за законистостите на природата”, на која, како што објаснуваат од тимот на СКУН, може да пристапи и да ја сфати учесникот на повеќе начини.
„Природата е онаа од која сите црпиме инспирација и е главната идеја за сите нови пронајдоци и иновации, човекот само ја имитира и надополнува на свои начини и со тоа го создава светот што ние го познаваме.“
Се решиле токму за оваа тема бидејќи ги обединува, не само трите факултети кои ја организираат самата конференција, туку и сите останати факултети кои ја утилизираат моќта на човековиот мозок со цел добивање продукти корисни за човештвото.
Главниот мотив зад оваа конференција, а и сите останати, е поттикнување на студентите да почнат да истражуваат на своја рака и да се впуштат во водите на пишување академски труд. Таргетирани се оние студенти кои сакаат да се надоградат себеси со тоа што ќе го научат правилниот начин на презентирање податоци во форма на научен труд кој ќе им донесе огромна предност пред останатите студенти, како за понатамошниот тек на студиите, но и при целата своја кариера.
На конференцијата СКУН можат да се пријават сите студенти, додипломци, постдипломци и студенти на докторски студии од било кој факултет. Тие аплицираат со научен труд кој може да брои најмногу двајца автори, и мора да имаат свој ментор. Целта на ваквата рамка е на студентите да им загарантира водилка која ќе им помага во процесот на пишување труд.
Со цел трудовите да бидат прифатени за учество на конференцијата, тие мора да бидат напишани по урнекот кој може да го најдат во прикачените документи на официјалната страна на сите конференции. Доколку трудот ги следи тие правила, студентот ќе може да го презентира трудот на 13-14 октомври или во амфитеатарот на ТМФ или online, во зависност од ситуацијата со вирусот,а на крајот на денот за сите учесници следува сертификат за учество на СКУН.
Рокот за аплицирање со апстракт е до 15.08.2020 кој треба да се испрати преку Google формата која може да ја најдете во повикот на конференцијата, како и на официјалната страна на конференциите, а за испраќање на целиот труд рокот е продолжен до 15.09.2020. „По завршувањето на целиот процес, трудовите од оваа конференција ќе бидат вметнати во дата база која ќе биде достапна и за други студенти кои ќе сакаат да научат нешто ново од нивните колегии. Потребата да се има дата база од сите вакви и слични трудови на студентите не е скорешна“, велат од тимот на СКУН, потенцирајќи ја неопходноста за ваков збир од трудови чија потреба особено се истакна во изминатиот период за време на пандемијата.
コメント