top of page

Сликата на Македонија

Веројатно многумина го прочитале единствениот роман на Оскар Вајлд „Сликата на Доријан Греј“. Оние што не го прочитале верувам слушнале за истото или погледнале некоја од филмските адаптации на романот. За оние кои прв пат се среќаваат, тоа е книга за еден човек по име Доријан кој со желба секогаш да остане млад и убав, ја жртвува својата душа, па така наместо него старее неговиот портрет.


Неговата вечна младост служи за уживање во бројните телесни насладувања, а сликата пак со секој направен „грев“ станува се погрда. На крајот, кога со убиство ќе го круниса својот живот, сликата ќе стане до таа мера грда, што ќе го натера да го распарчи неговиот портрет. Доријан во тој момент умира, трансформирајќи се во старецот од сликата, а таа пак го покажува убавиот и млад Доријан. Толку за книгата, оние што ќе бидат предизвикани да ја прочитаат им ја препорачувам и се надевам дека ќе уживуват во добар готски хорор.


Сижето дадено погоре ќе послужи подобро да се разбере ситуација во која што ние денес живееме. Имено Македонија, една мала балканска земја со 75 годишна државно правна историја, во голема мера наликува на младиот Доријан.


Македонија во политичките извештаи и говори за јавноста, скоро па секогаш и во сенешто напредувала и била лидер, носител на стабилност и напредок. Поинаку кажано, во суштина тоа е сликата на Македонија која самата за себе си ја наслика, со цел да не се соочи со реалност која не е ниту розева ниту убава.


„Уметниците“ кое работат на ова монументално грдо дело се сите изминати и сегашни „уметници“ кои напоредно се менуваат во текот на три децении. Сликата на Македонија се состои од многу аспекти. Впрочем таа е еден сложен општествен механизам, издигнат на држава со своја историја, своја сегашност, но без некоја особена иднина. Кризата во која се наоѓаме во моментов во суштина е ножот на Доријан, кој ни ја распарчува сликата и полека но сигурно, како никогаш претходно Македонија го открива својот „грд“ лик.


Кога оваа скорешна траума ни ги растури соништата, желбите, безмалку болните амбиции, на виделина се издигнаа другите проблеми кои свесно ги прикривавме. Проблеми кои ги стававме под тепих, а оправдувањето за тоа го наоѓавме во фразата, кажано со зборовите на владината камарила, „концентрирани сме на рефорите и ЕУ/ НАТО интеграциите“.


Што може да се каже за останатите политики на оваа земја во однос на внатрешната политика?


Воглавно доколку се следат секојдневните настани во изминативе три години секој би забележал дека некаква реална промена не се направи. Социјалните проблеми од типот на масовната невработеност, проблемот со корупцијата, нефукционалниот правосуден систем, демографското опустошување, се поголемата миграција останаа исти па дури и во одреден степен се влошија. Романтично и утопистички е мислењето дека некоја влада за толку кратко време ќе успее да реши проблеми напластени во изминатите три децении. Сосема споредно е прашањето колку оваа условно кажано лево популистичка група и воопшто


има потенцијал да изврши било каква промена. Таа едноставно во 2016 година на народот му го кажа тоа што сакаше да го слушне и тоа што во суштина недостасуваше во дотогашниот период. Иронично е што најверојатно и оваа власт ќе се сопне, токму на истите камења на кои се сопнаа претходните.


Во изминатиот период се случија протестите на земјоделците, протестите на просветните, научните и работниците од културата, протестите на работниците во текстилната индустрија, поштенските работници, нерешените барања на работниците од ОХИС и редица други. Сите овие протести се оправдани, нужни и легитимно право!


Минимални плати кои варираат од 20 000 до 35 000 денари компарирано во опсегот основно, средно и високо образование, но да не ги заборавиме и културните работници, на кои државата веќе одамна заборави. Да не ги заборавиме и другите работници кои во скоро сите сектори се наоѓаат во истата ситуација. Земја во која 41% од населението според стариот попис живее на село, земја каде над 600 000 лица се иселија, а околу 30.4% живеат под линијата на сиромаштијата. Држава во која општото богатство е концентрирано кај о


колу 10-15% проценти од населението, поинаку кажано кај властодржците и нивните соработници. Накратко кажано, простор во кој нееднаквоста е присутна со тенденции да заземе уште посилни размери, општество во кое дури и факултетските дипломи во суштина не носат никаков поголем бенефит, бидејќи платата која се дава е во потполен расчекор со трошоците па така и еден доктор на науки и универзитетски професор тешко би преживеале.


Најавата за предвремени избори и сите предходно наведени процеси, делува како дополнителен катализатор врз овие проблеми. Сега повторно по којзнае кој пат ќе дојде време кога сите се важни, кога „ти одлучуваш за иднината“.


Ќе дојдат и деновите кога ќе се пишуваат пораки, ќе ѕвонат телефони за собирање на гласови, ќе се ветуваат вработувања, ќе се расчистува со националните предавници. Постоечката власт од веќе вработените административци ќе ургира да се собираат гласови. Јасно е дека ова кај нас на хартија и во велепните говори на оној што ќе ја освои власта, ваквите нешта не постојат. Овие работи се толку јасни, како е што јасно дека оној што ја освоил власта, ја освоил преку овој модел.


А како јавноста која е потполно свесна за овие „политички модели“ ќе слушне на официјално ниво? Ќе слушне од оние што ќе ги изгубат изборите, па ќе почнат да нафрлаат токму со овие нешта по оној што ќе ја превземе власта.


Како на дело ќе ја согледа ситуацијата? Обично овие промени од еден изборен циклус до друг се лесни забележливи, па така луѓето водејќи се од „ка ве ду“(кон каде ветрот дува) политика, вадат членски книшки стануваат агитатори, а за тоа добиваат определени бенефиции. Бенефициите се вработување во образование, енегергетските капацитети, болниците, општо кажано во спектарот на работни позиции кои се управувани од државата.


Не верувам дека она што е погоре изнесено во текстот некому ќе му биде непознато, ново или нешто од кое би се згадил. Нашиот народ во суштина е навикнат да функционира во овие општествени рамски и да преживува во овие политички рамки.


До некаде некои планират токму во овој период да си го решат егзистенцијалното прашање. Во принцип ние секогаш тежнееме да говориме и да пишуваме во имагинарен стил, со цел оние здраворазумните и без пресилно потенцирање беспрекорно да сфатат дека тоа во суштина е нашата реална ситуација. Тежнееме да пишуваме и за тоа како треба да изгледа нашата земја, како треба да ја уредиме, како треба да функционира. Ова само по себе е позитивна работа бидејќи барем сега во ерата на масовните комуникации, секој може да го искаже јавно својот став, а колку поголем број на лица го искажуваат, тоа говори дека толку повеќе луѓе се свесни за општествениот момент и секој според свое наоѓање се обидува да го реши. Накратко речено, имаме општествено свесни граѓани, а колку имаме доволно независни, образовани и личности кои својот став го темелат на аргументи е веќе спорно прашање.


Додека се ова се случува, општествените состојби односно животот на човекот не запира. Граѓанинот кој слуша за сите реформи, за нашите светли дни, за раскрстувањето со националните прашања и предавниците на државата, додека естаблишментот зборува за тоа како се бори и работи на промените, всушност ништо не се менува. Народот сеуште ќе лута од аптека до аптека по лекови, од болница во болница со цел да добие правилен третман, од работа на работа за да преживее, а некои и од контејнер до контејнер. Гладниот си останува гладен, болниот болен, криминогеното и дисфункционално општество се надградува, во целата оваа ситуација.


Прогресот само во оваа ставка доживува развој. Властите се конзистентни и перманентни во она што може да се нарече политика на разочарување. Политика која секогаш започнува со ветување за светли и славни дни а завршува со гнев, пцовки, и разочарување поголемо од она за минатата власт. Македонија во овие моменти станува онаква каква што секогаш била.


А сликата? Сликата одамна е распарчена, обезличена и само стои како приказ на реалноста за оние кои профитираат додека говорат за нејзиното постоење.



Васко Гичевски

Студент на Институт за историја

при Филозофски Факултет, УКИМ Скопје


Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page