top of page

Што е Студентска научна конференција за нутриција и како да аплицирам?

Овој октомври, Универзитетското студентско собрание на УКИМ ќе организира неколку научно-остражувачки конференции наменети за студентите од сите факултети. Ваквите конференции имаат за цел да ги поттикнат студентите да истражуваат повеќе во својата област, да се надоградат во неа, но воедно и значително да ја развијат креативата кај академската младина, како и желбата и способноста за научно – истражувачка дејност.


Во претстојниот период ќе имате можност да се запознаете со работата, целта и деталите на секоја од овие конференции, како и што се треба да знаете доколку сакате да се пријавите на една од нив.


СНКН - Студентска научна конференција за нутриција е конференцијата која ја организираат факултетските студентски собранија на Медицинскиот факултет, Фармацевтскиот факултет, Стоматолошкиот факултет и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ. Координативното тело одговорно за нејзината организација е сочинето од Костадин Коџоман, Јован Крлев, Милка Мукаетова и Теодор Терзиев, претставници на секој од четирите факултети.



Како што тие самите велат, целта на оваа конференција е да се поттикне научно-истражувачката работа кај студентите и меѓусебната соработка на студенти од вклучените факултети на УКИМ, како и да поттикне вмрежување и соработка помеѓу студентите и професорите.


„Темата на оваа конференција е нутриција и организациониот одбор се реши за оваа тема поради нејзината актуелност и застапенот во модерниот свет. Ова е тема која е предмет на интерес во различни сегменти во наставните планови на сите факултети кои учествуваат во организација на оваа конференција“, велат од тимот на СНКН.

На оваа конференција за нутриција можат да се пријават сите заинтересирани студенти од додипломски студии со задолжително водство на ментор (универзитетски професор/асистент), како и студенти од постдипломски, докторски студии и дипломирани студенти.


Самата тема исто така остава голема слобода и разновидност во сегментот на тоа со каков труд може да се аплицира, па така заинтересираните студенти можат да прават истражувања и да истапат со трудови во повеќе сфери на нутрицијата: Исхрана и јавно здравје, Исхрана и незаразни заболувања, Исхраната во гинекологијата и педијатријата, Нарушувања во исхраната, Парентерална и ентерална исхрана, Метаболен синдром, Интеракција на лекови со храна, Диететика и диетотерапија, Исхрана како нефармаколошки пристап во терапија, Влијанието на исхраната врз оралната лигавица и забалото, Нутритивни протоколи, Диети, Менаџмент во нутриција, Спортска нутриција и Технологија на храна.


Краен рок за пријавување и доставување апстракт е 15 август, додека пак крајниот рок за испраќање на целосната верзија на трудот е 15 септември оваа година.


Процесот на аплицирање се состои од едноставно пополнување на онлајн апликација која можете да ја најдете на следниот линк. Секој заинтересиран студент во неа ги внесува своите лични информации заедно со апстрактот од самиот труд. Секој кој ќе ја пополни апликацијата до 15.08.2020 ќе добие повратен одговор од тимот на СНКН со понатамошните чекори.


Во зависност од ситуацијата со COVID-19, како и во зависност од препораките на комисијата за заразни болести, конференцијата ќе се одржи онлајн преку платформата- ZOOM или со физичко присуство – согласно препораките.


„Засега ја оставаме отворена можноста за реализирање на конференцијата со физичко присуство“, велат од тимот на СНКН.


Нивиот план по завршувањето на конференцијата е трудовите кои ќе бидат презентирани на неа, подоцна да станат достапни за пошироката јавност преку еден вид на датабаза која ќе ги содржи самите трудови.


„Во иднина планираме да креираме платформа до која ќе имаат пристап сите заинтересирани студенти и млад научен кадар. Се надеваме дека оваа платформа во иднина ќе овозможи размена на информации и искуства, а ќе има и посебен дел како библиотека на кој што ќе можат да се најдат трудови од различни теми“, дополнуваат од СНКН.

„Сепак главниот мотив за организирање на оваа студентска конференција за наука беше желбата да се направи промена во размислувањата и делувањето на студентите и да се овозможи поголема вклученост и придонес на студентите во науката“, велат тие.


Тие исто така се надеваат дека ова ќе прерасне во традиционална годишна конференција која ќе ја зголеми соработката помеѓу студентите од повеќе факултети и универзитети, ќе создаде услови за зголемување на потенцијалот за развивање на науката во нашата земја , ќе ја зголеми базата на научен кадар и ќе овозможи квалитетен подмладок на факултетите.

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page