top of page

Социјализам за Богатите, Капитализам за Сиромашните

Во 2016 година, политичкиот економист и автор Полихрониу подготвува низа интервјуа со проф. Ноам Чомски на актуелните теми и проблеми со кои се соочува светот денес како неолиберализмот, мигрантските кризи, дисфункционалноста на изборните системи, како и надежта за отпочнување на движење за радикална промена.


Една година подоцна, двајцата, како ко-автори, ја издаваат книгата „Оптимизам наспроти очај: за капитализмот, империјата и социјална промена“.


Книгата претставува еден вид колекција од низата интервјуа со проф. Чомски, а едното од нив посветува внимание и на „Американскиот Сон“, популарната фраза која секојдневно се користи за да се опишат еднаквите можности за успех кои им се нудат на сите граѓани на Соединетите Американски Држави.





Полихрониу: Ноам, во неколку од вашите текстови го преиспитувате вообичаениот поглед на САД како архетипска капиталистичка економија. Што поточно подразбирате под тоа?

Ноам Чомски: Земете го предвид следното. Секој пат кога постои криза, даночните обврзници се повикани да ги спасат банките и главните финансиски институции.

Ако имате воспоставена вистинска капиталистичка економија, тоа немаше да се случува. Капиталистите кои направија ризични инвестиции и не успеаа во тоа ќе беа пропаднати.

Но богатите и моќните не сакаат капиталистички систем. Тие сакаат да ја водат „Дадилката држава” за даночните обврзници да можат да ги спасат кога ќе западнат во неволја. Честата фраза која се упоребува за оваа појава е „преголеми за да пропаднат”.

Пред неколку години ММФ направи интересно истражување во однос на профитите на големите американски банки. Истражувањата ја сведуваат причината за нив на многуте предности кои доаѓаат со имплицинтнaта владина политика на осигурување, не само претставената финансиска помош, туку и лесниот пристап до кредити и многу повеќе бенефиции. Во нив беа вклучени и нешта кои истражувачите на ММФ не ги предвидоа, како што e поттикот за превземање на ризични трансакции кои се високо профитабилни на краток рок. Ако нешто пак тргне наопаку, даночните обврзници се секогаш тука. Блумберг Бизнис ги проценил ваквите имплицитни даночни субвенции на повеќе од 80 билиони годишно.

П: Низ историјата, во литературата, многупати е пишувано и анализирано за економската нееднаквост. Дали економската нееднаквост во современата капиталистичка ера денес е многу поразлична од онаа која била во останатите периоди пост-ропството во Американската историја?


Н: Нееднаквоста во современиот период е скоро без преседан. Ако ја погледнете тоталната нееднаквост, таа е рангирана меѓу најлошите периоди од Американската историја. Меѓутоа, ако ја погледнете нееднаквоста малку поблиску, ќе увидите дека потекнува од богатство кое е во рацете на ситен сектор од популацијата. Постоеа периоди од Американската историја, како што е Позлатената ера во 1920-тите и громогласните 1990-ти, кога нешто слично се одвиваше. Но сегашниот период е екстремен бидејќи нееднаквоста потекнува од супер-богатство. Ова не само што е неправедно само по себе, туку и претставува развој кој има корозивни ефекти кон демократијата и визијата за пристојно општество.


П: Што значи сето ова во однос на „Американскиот Сон“? Дали е мртов?


Н: „Американскиот Сон“ беше наменет за класна мобилност. Бевте родени како сиромашен но можевте да се извлечете од сиромаштијата преку напорна работа и да си обезбедите подобра иднина за своите деца. За некои работници беше возможно да најдат добро платена работа, да купат дом, автомобил и да им обезбедат образование на нивните деца. Меѓутоа сето тоавеќе пропадна, а и не требаше да имаме премногу илузии за него дури и кога беше делумно вистинит. Денешната социјална мобилност во САД е под прагот на останатите богати општества.



П: Дали тогаш САД е демократија само формално?


Н: САД за себе тврди дека е демократија, но јасно е дека постана нешто налик плутократија, иако сеуште е отворено и слободно општество според компаративни стандарди. Но, да бидеме јасни што се подразбира под демократија.


Во демократијата, јавноста влијае врз политиките и потоа владата ги спроведува одлуките детерминирани од страна на јавноста. Во поголемиот дел, владата на САД спроведува политики кои се од бенефит за корпорациските и финансиските интереси. Исто така, важно е да се разбере дека привилегираните и моќни сектори на општеството никогаш не ја сакале демократијата, со добра причина. Демократијата ја сместува моќта во рацете на популацијата и ја одзима од нив.

Всушност, привилегираните и моќните класи на оваа земја секогаш барале начини да ја лимитираат моќта за таа да не биде сместена во рацете на поголемото население и ова не претставува никаква новост.

П: Акумулирањето на богатство претставува предуслов за акумулирање на моќ. Ова веќе е неспорен факт. Со оглед на тоа дека капитализмот на крајот води кон акумулирање на богатство, зарем не следи дека капитализмот е анти – етички настроен кон демократијата?

Акумулирањето на богатство природно води кон акумулирање на моќ, што за возврат резултира со легислативи кои ги фаворизираат интересите на богатите и моќните и на тој начин го зголемува уште повеќе акумулирањето на моќ и богатство. Разни политички мерки како што се фискалната политика, дерегулација и правила за корпоративното работење се дизајнирани за да ја зголемат концентрацијата на богатство и моќ. И тоа е она што го гледаме за време на неолибералната ера. Станува збор за магичен круг во константен прогрес. Државата е тука за да обезбеди сигурност и поддршка за интересите на привилегираните и моќните сектори во општеството, додека останатото население е оставено да ја искуси бруталната реалност на капитализмот. Социјализам за богатите, капитализам за сиромашните.


Па, да, во таа смисла капитализмот всушност функционира за да ја поткопа демократијата. Но магичниот круг на концентрација на богатство и моќ што беше спомнат е нешто толку традиционално што дури е опишан од страна на Адам Смит во 1776. Тој, во неговата позната книга „Богатството на Нациите", вели дека во Англија, луѓето кои го поседуваат општеството а тоа во негово време биле трговците и произведувачите, се „основните архитекти на политиките”. Тие прават се за да бидат сигурни дека нивните интереси ќе бидат заштитени, беа разлика на тоа колкав импакт ќе имаат самите политики кон обичниот народ.


Денес, не се трговците и произведувачите оние што го поседуваат општеството и ги диктираат политиките. Денес тоа се финансиските институции и мултинационалните корпорации. Денес, тие се оние групации кои Адам Смит ги нарекува господарите на човештвото. А тие ја следат истата злобна максима која тој ја формулирал: Се за нас и ништо за сите останати. Тие ќе се стремат кон политиките кои се од бенефит за нив и ќе ги оштетат сите останати затоа што тоа го диктираат капиталистичките интереси. А во отсуство на реакција од јавноста, тоа е единственото нешто што може да се очекува.




Превод: Мартин Тошевски

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page