top of page

Стоицизам – Античко решение за современи проблеми

Денешните генерации можат сосем оправдано да тврдат дека егзистираат во свет кој е на прагот на раскрсница чиишто крајни дестинации се одликуваат со драстично различни исходи по добробитието на човештвото, животинскиот и растителниот свет. Сепак, за време на целокупното суштествување на човечкиот род и неговото освестување како субјект во тотално непријателски свет постојат неколку прашања и проблеми со кои секогаш се соочувал, се соочува и ќе се соочува во иднината кои пак, преставуваат неизоставлив дел од неговата феноменологија.



Дел од нив се проблемот на преживување, стравот од смртта, анксиозноста и прашањето како да се води доблесен живот како последица на претходно наведените проблеми. Би можеле да одиме до степен да кажеме и дека сите лични човечки настани во секојдневието можат да се дедуцираат од овие универзални проблеми. Без разлика на историскиот контекст, луѓето отсекогаш се соочувале со конфликти, војни, недостаток и потрага по ресурси, природни непогоди и различни непожелни ситуации кои пак или на еден начин биле причина за збогатување на спектрумот на човекови искуства или пак, претставувале настани кои биле доживувани преку интензивни, веќе постоечки емоции.


Модерниот човек, соочен со радикална слобода да избира како ќе реагира на страдањата што животот му ги фрла на патот, има на располагање мноштво на опции. Денес, некои луѓе излезот од својот предикамент и желбата за живеење на смисловен живот го наоѓаат во комфортот што им го нуди религијата или други идеолошки облици, други преку практикување на секуларни морални вредности, трети посегнуваат по методички приоди во облик на животни филозофии и слично. Опциите постојат во изобилие. Една од нив е изборот на познатата филозофија под името стоицизам.


Кога станува збор за стоицизмот, што впрочем е фокусот на овој став, ретко може да се наиде на филозофија чиишто постулати се толку универзални за да можат да бидат аплицирани буквално врз сечиј конкретен живот. Честопати општата филозофија е критикувана дека е премногу апстрактна, комплицирана, нејасна вештина и умешност на резонирање која е резервирана само за академските кругови и елитата.


Но, во реалноста, овој филозофски систем не привилегира, ниту пак исклучува никој. За ова говори фактот дека едни од најпознатите антички стоици-филозофи, римскиот император Маркус Аурелиус и роб Епиктет, се наоѓале на тотално спротивни краеви во рамките на хиерархијата на социјалниот статус. Покрај тоа, јадрото на стоицизмот е составено од практична употреба на неговите главни принципи.


Да се биде Стоик значи да се постави разумот како кормилар со делувањата во надворешниот свет, додека пак делувањата ја опредметнуваат целокупната филозофија.


Откако ја потенциравме универзалната и практичната природа на стоицизмот, би било корисно да се осврнеме на неговите корени па, оттаму и на суштинските вредности за кои истиот се залага да бидат материјализирани во реалноста.


Стоицизмот како идеја за првпат се јавува во Античка Грција со почетоците на учењата на првиот стоички филозоф Зенон за кого записите сведочат дека по губитокот на целото негово богатство во бродолом, оставен самиот на себе со целото свое слободно време на располагање, своето внимание го свртел кон учење за филозофиите на тогашните минати и современи филозофи, за да на крај, заврши како родоначалник на филозофијата која ќе биде позната како стоицизам. Етимолошки гледано, терминот „Стоицизам“ потекнува од грчкиот збор „Stoa Poikile“ што означувал колонада како локација каде што се собирале следбениците на Зенон со намера да практикуваат дискусии и разменуваат мислења и идеи.


Денес, во употребата на секојдневниот јазик, зборот Стоик го асоцираме со личност за која претпоставуваме дека е имуна на емоционалните искушенија или пак која е доста умешна во контролирањето на нејзините импулси.


Но, како и секој филозофски систем, па така и Стоицизмот покрај тоа што конструира етички упатства за однесување, исто така содржи и своевидни тврдења за онтолошката и епистемолошката реалност.


Имено, за стоиците во природниот свет сите настани се случуваат и следат одредени нужни законитости кои резултираат со рационална структурираност на универзумот која е пак, однапред утврдена и над која ние луѓето, немаме контрола, ниту пак, за која можеме да тврдиме дека поседуваме дефинитивно спознание. Како посетители на овој свет, ограничени сме во нашиот импакт врз истиот.


Во оваа насока, онтолошките и епистемолошките примеси на стоицизмот претставуваат инструменти кои ги користи највиталниот дел од оваа филозофија, а тоа е нејзиниот етички корпус на идеи.


Кога говориме за етиката на стоицизмот, почетно место од кое што ги деривираме сите вредносни судови за сите ситуации во кои се јавуваме како морални агенти претставуваат четирите кардинални вредности кој секој што се нарекува и делува како стоик треба да ги поседува а тоа се: практична мудрост сфатена како искористување на разумот и логичкото расудување при решавање на конкретни проблеми; умереност како баланс помеѓу екстреми и самоконтрола; правда сфатена и применета во форма на консидерација на заеднички интереси на крај и храброст како упорност и истрајност, волја да се спрегнат сите нешта кои можат да бидат ставени под наша контрола за кои ќе дознаеме подолу.


Токму овие четири вредности ја започнуваат и ја комплетираат големата, општа слика во која влегува секое стоицистичко конкретно дело во реалноста и како критериуми, ни овозможуваат да донесеме одлука како би се поставиле во одредена, секојдневна ситуација.


Но, некој сеуште би се запрашал и би рекол: Која разумна причина би не навела да го изведеме токму овој сет на вредности, а не некој друг? Дали доколку ја нема, би ризикувале вредностите да ги формулираме врз основа на арбитрарна одлука, лишена од обид за рационализација?


Како оправдување на самата одлука за селекција на горенаведените вредности стоиците посочуваат неколку значајни тенденции кои се својствени за начините преку кои луѓето стапуваат во интеракција со светот и меѓусебно. Тоа се:

  • Однесување со цел остварување на нашите зацртани интереси;

  • идентификација со туѓите интереси;

  • изнаоѓање на решенија на рационален начин за справување со препреките чиишто премостување овозможува остварување на нашите интереси.

Сите овие причини, заедно со кардиналните вредности ни помагаат да избереме каква одлука да донесеме, на каков начин, во каква ситуација и во каква мера со цел да се спротивставиме на тешкотиите кои што ни ги налага животот. Оттаму, можеби најпопуларната и најслушната стоицистичка порака која му е позната на секој што има основно познавање од стоицизмот гласи:


Она што ги повредува луѓето не се настаните што им се случуваат, туку начинот на кој што ги интерпретираат истите – Епиктет.

Оваа изрека јасно ја покажува обусловеноста која постои помеѓу разумот и човечката етичност и среќа. Користењето на разумот при навигацијата на нашите животни настани е предуслов за доблесно воден живот и чувство на исполнетост. Спротивното сценарио вродува со чувство на некомплетност, недоволност, гнев, огорченост и незадоволност. Тука повторно, се поставува прашањето: Со оглед на тоа што веќе утврдивме дека стоицизмот е практично употреблива филозофија, во какви активности се состои практикувањето на стоицизмот?


Делот во кој оваа филозофија се актуелизира е можеби најинтересниот и сигурно, најпредизвикувачкиот дел од целата посветеност кон истата. За таа намена, многу од стоиците-филозофи, особено подоцнежните како Маркус Аурелиус и Сенека посветиле многу труд во изготвување на рецепти во облик на секојдневни навики кои секој би требало да ги применува со цел да достигне квалитетност во секој аспект од животот.


Во продолжение се наброени неколку од нив за кои се смета дека се есенцијални и лесно применливи за секого без разлика на околностите.



1. Негативна визуелизација


Очекувањата се нешта кои се својствени и понекогаш клучни за човековото суштествување, но во оние погледи во кои постојат на штета на нашата спокојност и душевен мир знаат да бидат значително непожелни. Сите во одредени периоди од нашиот живот сме имале очекувања од себеси или од други луѓе, кои не биле остварени и резултирале со разочарувања и душевен немир. Очекувањата заедно со надежта немаат место во стоицистичкиот универзумот од причина што за стоиците, надежта е чекор поблиску до неизбежниот Пад во состојба на жалење и посакување нештата да бидат поинаку.


Напротив, доколку посакуваме да сме конзистентни во своите емоционални состојби или барем да имаме што е можно помалку флуктуации во истите треба да има кажеме збогум на сите очекувања за кои не знаеме со сигурност дека ќе се остварат. А за таа цел ни се потребни здрави навики. Маркус Аурелиус би рекол:


Започнете го секој ден кажувајќи си на себеси: Денес ќе се сретнам со препреки, неблагодарност, неправда, дрскост, нелојалност, лоша волја, себичност, сето ова, поради игнорантноста на луѓето за она што е добро и што е злобно.

Доколку умееме да го замислиме најлошото можно сценарио што може да ни случи би биле значително повеќе ментално подгототвени да се справиме со сите животни непогодности и истовремено, со чиста свест, совесност и разумност да пристапиме кон решавање на проблемот во кој што сме се нашле.


2. Вежбање самоконтрола

Сите ние во одредени ситуации и во одредена мера функционираме како жртви и сме заглавени во кафез со кој што се комформизираме на појави и настани кои длабоко во себе знаеме дека се штетни за нас на долг рок па затоа, доколку би сакале да бидеме вистински стоици од респект кон себеси и кон умереноста како наша темелна вредност, би требало да сториме се што е во наша моќ да ги елиминираме оние нешта кои се објект-причина за нашата зависност од нив.


Умереноста е одличен лек во ситуациите во кои се справуваме со зависност од одредено нешто. Во таа насока, стоиците утврдуваат јасна граница помеѓу оние нешта над кои имаме контрола и оние нешта над кои немаме контрола. На оваа мисла би се надоврзал Епиктет со следната изрека:


Нешта кои се во наша контрола се: нашите мисли, следење на нашите визии, желби, аверзијата и сите оние останати нешта што спааѓаат под активности што ги превземаме.


Нешта кои не се под наша контрола се: нашето тело, имотот, репутацијата и сите други нешта кои не можеме директно да ги контролираме.


Сознанието за фактот дека постојат нешта што не подлежат на нашето влијание ни помага да се фокусираме на нештата над кои имаме контрола и над кои доколку воспоставиме контрола може да резултираат со максимизирање на нашата среќа. Затоа, доколку отсекогаш сте посакувале да прекинете со пушењето цигари бидејќи сте свесни дека се штетни по вашето здравје, оваа практика е совршеното место за почеток кон остварување на посакуваната цел.

3. Отсуство на грижа

Интиутивно, зборот негрижа го замислуваме во негативна конотација и тоа сосема оправдано. Постојат многу ситуации во кои негрижата е фатална по нашето добробитие и по животите на другите луѓе.


Но, кога стоиците зборуваат за негрижа, неа ја замислуваат како облик на отпор кон комформизмот на секојдневниот живот и акцентирање на работите кои ги поседуваме и ги земаме здраво за готово.


Оттаму, исправната стоицистичка одлука е барем еднаш во годината да се однесуваме на начин на кој што вообичаено не се однесуваме а тоа вклучува: незаинтересираност за тоа што луѓето мислат за нас (бидејќи како што кажавме погоре, туѓите мислења се надвор од нашата контрола, па затоа би била бесмислена грижата за нив), вршење на активности кои отсекогаш сме сакале да ги направиме без срам и страв што би рекле луѓето околу нас и волево лишување од предмети и привилегии кои ги поседуваме (спиење на ладен под, нејадење на нашата омилена храна итн).


Целта на оваа навика е согледувањето на важноста на оние нешта кои другите немаат можност да ги имаат, а кои истовремено претставуваат наше секојдневие.


4. Водење на дневник


Иако можеби водењето на дневник ни е веќе добро позната активност која впрочем, многу луѓе ја практикуваат, сепак позади водењето на дневник стојат мноштво на оправдани причини и бенефити кои произлегуваат од истата.


Имено, со запишувањето на активностите што сме ги извршиле и оние кои не сме успеале да ги извршиме, нашите емоции и настани кои ни се случиле во текот на денот на некој начин си даваме перспектива за тоа во кои области од нашиот карактер ни е потребна позитивна промена, кои планови да ги обработиме и да ги поставиме за блиската и далечната иднина и исто така, си даваме шанса следното утро да се разбудиме со чиста совест и остар ум, со цел да ги оствариме активностите и задачите кои денот ги бара од нас.


Сите овие набројани бенефити се предмет на проучување и на науката чиишто досегашни студии сугерираат дека водењето на дневник има голем број на позитивни ефекти за менталната благосостојба на луѓето и со тоа, правејќи го стоицизмот, во тек и во согласност со научните сознанија.

5. Мементо Мори


Кога го слушаме зборот медитација, прво што ни доаѓа на ум е будистичката медитација и тоа е сосема оправдано, од причина што овој тип на медитација е доста популаризирана насекаде низ светот.

Но, стоицизмот ни нуди поинаков тип на медитација која што се нарекува „Memento Mori“ која што во превод значи „сеќавање на смртта“.


Како битија со конечен животен век секогаш сме раздвоени помеѓу сознанието дека нашето време на овој свет е ограничено и желбата за продолжување на нашиот живот после смртта. За стоиците, опседнувањето со желбите дека постои некој друг дополнителен свет е бесмислено од причина што на тој начин, забораваме да го цениме оној што го имаме.


Поради тоа, не советуваат додека сме живи да мислиме за смртта и за сите оние работи кои би ги направиле доколку го живееме последниот ден од нашиот живот. Само преку контемплација на концептот на непостоење можеме да си го поставиме следното прашање: Во очите на смртта, каква смисла има мојот живот?


Скоро секогаш кога слушаме за смртта, неа ја замислуваме како јавен настан која се случува далеку од нашите очи, настан што се случува на други луѓе. Но нашата смрт, лично за нас, никогаш нема да претставува јавен настан, ние никогаш нема да можеме да си ја прочитаме надгробната плоча, бидејќи ставено во зборовите на филозофот Витгенштајн, смртта за нас не претставува искуство во животот, бидејќи начелно за да нешто можеме да искусиме треба да сме живи.

Потенцијалот и корисноста на наведените практики можат да се отелотворат само доколку се применуваат на редовна база и секако со пасија во вербата дека ќе ги донесат посакуваните резултати. Стоицизмот, несомнено претставува филозофија која влијаела на работата на голем број подоцнежни филозофи, на делата и животот на политички активисти, артисти и обични луѓе кои и ден денес ја живеат оваа филозофија и претставува филозофија чиишто досег на влијание ќе продолжи да ги обзема и во иднина сите оние кои се залагаат за живеење на живот во согласност со природата и човечката природа сфатени во рамките на стоицистичкото учење.



Мартин Тошевски

Comentarios


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page