Студентите на Правен: Нема организираност, ниту информативност
- Авангарда
- Sep 28, 2020
- 3 min read
Како дел од серијата разговори со студентите во врска со работата на факултетите и нивната состојба за времена на КОВИД-19 кризата, своето мислење го споделија и студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Ги прашавме студентите да дадат коментар за начинот на кој се спроведува испитната сесија, да ја оценат управата на самиот факултет како и нивниот пристап и информираност, како и целофкупното снаоѓање на факулетот со зададената криза и кои се нивните очекувања за следниот семестар.

Во однос на начинот на полагање, студентите од Јустинијан Први се задоволни од хибридниот принцип и понудените можности да се полага онлајн или во живо, а воедно имаат и позитивни оцени во однос на начинот на кој е спроведено самото полагање. Исклучок претставува незадоволството од полагањето на онлајн испити кои содржат прашања на заокружување.
„Задоволна сум од начинот на полагање затоа што и покрај настанатата ситуација се спроведе успешно и на организиран начин”, вели една од испитаничките. „Самата природа на материјата која ја полагав не дозволува испитот да се спроведе просто на прашања со понудени опции на заокружување. Се работи за обемни предмети кои бараат темелно познавање на теоријата”, дополнува таа.
Во однос на реализирањето на наставата, студентите се уверени дека и покрај тоа што факултетот може да обезбеди квалитетни услови за предавање во живо преку почитување на зададените мерки, со текот на времето ќе има голем број на отстапки од мерките од страна на студентите и професорите.
„Имајќи во предвид комфорт зоната на работниците и целиот стаф на факултетот, не верувам дека вакво нешто докрај би се почитувало и би се реализрало успешно“, споделуваат со нас студентите од Правниот факултет.
„[Студентите] се однесуваат како „неандерталци“ и нема да ги почитуваат мерките”, изјавува искрено еден од нивните колеги.
На прашањето дали тие очекуваат факултетот да обезбеди квалитетни онлајн предавања, одговорите беа навистина поделени. Од една страна, постоеа верувања дека дел од наставата може да се спроведе квалитетно онлајн, но во најголем број студентите се скептични дека квалитетот на онлјан предавањата нема да биде на задоволително ниво.
„Воопшто не очекувам квалитет, секако со чест на исклучоци”, дополнува еден студент, алудирајќи на предавањата кои би се реализирале преку виртуелните платформи на Факултетот. „Многу добро знаеме како функцинира администрацијата, нивната неспособност за дигитализација и за донесување полесен пристап за студентите во врска со пријавите, регистрација... “.
Воедно видлива е огорченоста на студентите во однос на прашањата поврзани со услужливоста и информираноста од страна на студентските служби, односно студентски прашања, како и од самата управа на факултетот.
„Нема организираност,ниту информативност кај вработените. Нужно е да се вработи и уште еден службеник кој ќе управува со I-Know системот и со веб страната на факултетот”, изреволитарно велат студентите.
За наставниот кадар и за материјалот за изучување тие имаат позитивни оценки, но секако со исклучоци. Во однос со амфитеатрите, предавалните и условите на самиот факултет може да заклучиме само дека се потребни значителни подобрувања.
„Значителен, но сепак не доволен, дел од професорите се вистински професионалци во својата област и тоа воопшто не е спорно. Меѓутоа кога станува збор за предавање, односоно пренесување на знаење, ретко кој професор/асистент може успешно да ја заврши таа работа“.
Студентите тврдат и дека се потребни одредени корекции во поглед на програмите на предметите, но и решавање на проблемот со недостаток на квалитетен кадар да ги предава самите предмети. Критика беше упатена и кон професорите кои предаваат предмети по кои тие самите не се стручни, но се воведени со цел да се пополнат одредени програми, без притоа факултетот да вложи преголем труд во нивното реализирање.
Сепак критиките на студентите не остануваат само напразно искажани, туку тие предлагаат и неколку промени кои ги сметаат за приоритетни на Правниот факултет, кои меѓу другото вклучуваат:
Реновирање на покривите низ кои протекува вода во врнежливите денови;
Задолжително воведување на предмет за академско пишување, на сите насоки;
Построги критериуми за оценување – но секако и поголем ангажман на самите професори во процесот на учењe;
Поразновидна програма за предавање, користење на повеќе методи и платформи за предавање на материјата, задолжителни домашни задачи/активности – пишување трудови;
Најважно од се – механизам за строга контрола на професорите и нивното однесување;
Commentaires