Студентски протести за демократски права во Тајланд
- Авангарда
- Sep 22, 2020
- 3 min read
Голем бран на протести предводени од средношколци и студенти го зафатија Тајланд во последните неколку месеци. Причината за ваквите движења се барањата за демократски реформи во земјата од југоисточна Азија, како и ограничување на моќта и богатството на монархијата која владее во земјата.

Демонстрациите започнаа на универзитетските кампуси на почетокот на годината како одговор на судската одлука за распуштање на „Иднината напред“, истакната опозициска прогресивна партија. Партијата беше особено популарна меѓу младите за време на минатогодишните избори - гласање што требаше да го врати Тајланд во демократски систем по воениот удар во 2014 година, но наместо тоа беа проследени со обвинување за нерегуларности и изборни манипулации во корист на армијата.

Во моментов, Владата на Тајланд е предводена од Прајут Чан-о-ча, лидер на хунтата која стоеше зад воениот удар.
Појавата на пандемијата, во еден период, ги запре демонстрациите, но прекинот не траеше долго и младите повторно излегоа на улиците.
Иако Тајланд успеа да избегне енормен раст на позитивните случаи, сепак економското влијание од пандемијата е разорно и се повеќе ја открива економската нееднаквоста и
длабоките класни разлики во земјата. Полицискиот час и затварањето на земјата придонесе кон дополнително зголемување на фрустрацијата кон властите.
Во јуни, незадоволството кај протестантните беше дополнително разгорено кога се објави веста за киднапирање на про-демократски активист Камбоџа. Групите за заштита на човековите права велат дека тој е деветтиот активист во прогонство што исчезна во последните неколку години. Владата и војската негираа вмешаност.
Една од паролите на демонстрантите е „нека заврши со нашата генерација“. Тие се уморни од циклусот удари што доминираат во политичката историја на Тајланд. (12 воени удари од крајот на апсолутната монархија во 1932 година). Студентите се воглавно обединети околу повиците за распуштање на парламентот, крај на малтретирањето на владините критичари и измени на уставот поддржан од војската.
Истовремено некои повикуваат на реформи во моќната и богата монархија во земјата, за кои велат дека се преблиски со војската и преку неа ја контролираат политичката ситуација во земјата.
Кралот Маха Вајиралонгкорн го презеде престолот по смртта на неговиот татко, кралот Бумибол Адулјадеј, во 2016 година и оттогаш го зајакна својот авторитет, ставајќи го богатството на круната и клучните единици на армијата под негова директна контрола.
Кралското семејство на Тајланд е заштитено од критики со строгиот закон, Lèse Majesté, кој предвидува казна до 15 години затвор за негово непочитување. Постојат шпекулации дека кралот побарал од премиерот никој да не биде гонет по основ на овој закон, но сепак тој континуирано се спроведува и голем број на луѓе се обвинети и уапсени.

Според тајландските адвокати за човекови права, десетици демонстранти досега се обвинети за разни дела откако учествувале во протестите во последните месеци,
На неодамнешниот протест организиран од ,,Обединетиот фронт на Тамасат”, на кој присуствуваа десетици илјади луѓе, беа издадени 10 барања за реформи во монархијата. Групата побара кратење на буџетот на кралот и одвојување на неговите приватни средства од средствата на круната. Тие исто така повикаа на ставање крај на законите што забрануваат критики кон монархијата.
Премиерот истакна дека ќе разгледа некои од барањата на демонстрантите во врска со уставот, но рече дека монархијата не треба да се критикува. Кралската палата не даде коментар за протестите, ниту за барањата за реформи.

Групите за заштита на човековите права велат дека властите се обидуваат да ги ограничат протестите со апсење на активисти и со притисок врз универзитетите и родителите да ги спречат студентите да бараат реформи на монархијата. Властите исто така и наредија на компанијата „Фејсбук“ да го ограничи пристапот до содржините кои содржат критики за кралското семејство, вклучувајќи и страница на која членуваат повеќе од еден милион профили. Креаторот на групата, Павин Чачавалпонгпун, само-прогонет критичар на монархијата, веќе постави нова страница што го надмина претходниот број на членство.
Д.М.
Comments