Топ 5 наслови за во слободно време
- Авангарда
- May 28, 2020
- 3 min read

Иако полицискот час, а наскоро и вонредната состојба, го дочекаа својот крај, сепак пред нас е едно долго и топло лето кое ќе изобилува со слободни денови. Затоа, пред вас е уште една од листите со предлози на студентите, овојпат составена од пет наслови вредни за вашето слободно време ова лето.
1. Немата пациентка – Алекс Мајклидис
Алисија Беренсон има навидум совршен живот. Таа е позната сликарка мажена за популарен и баран моден фотограф, живее во грандиозна куќа со огромни прозорци со поглед кон парк во една од најелитните населби во Лондон.
Една вечер, нејзиниот сопруг Габриел се враќа дома доцна од фотосесија и Алисија му пука петпати во лице, а потоа никогаш повеќе не прозборува ни збор.
Нејзиното одбивање да зборува или да даде какво било објаснување ја претвора оваа домашна трагедија во нешто многу поголемо, мистерија која ја потпалува имагинацијата на јавноста и ја прави Алисија уште поозлогласена. Цената на нејзините уметнички дела вртоглаво расте, а таа, немата пациентка, е скриена од таблоидите и рефлекторите во обезбеденo психијатриско одделение во Лондон.
Тео Фабер е психијатар за криминалци кој многу долго ја чека можноста да работи со Алисија. Неговата одлучност да ја натера да прозбори и да ја разоткрие мистеријата за тоа зошто го застрелала нејзиниот сопруг се испреплетува со неговите сопствени мотиви – потрага по вистината што не му дава мир. Зошто му е пак нему сево ова толку важно?
2. Сапиенс – Џувал Ноа Харари
Во „Сапиенс“, д-р Јувал Ноа Харари ја опфаќа целата човечка историја, од првите луѓе на Земјата до радикалните – а понекогаш и катастрофалните – откритија на когнитивните, земјоделските и научните револуции. Врз основа на согледувањата од биологијата, антропологијата, палеонтологијата и економијата, тој истражува како струите на историјата ги обликуваат нашите човечки општества, животните и растенијата околу нас, па дури и нашите личности.
„Сапиенс“ е интернационален бестселер објавен на над 30 јазици низ целиот свет. Храбра, опсежна и провокативна, оваа книга предизвикува сѐ што досега мислевме дека знаеме за тоа што значи да се биде човек: нашите мисли, дејства, моќ... и – нашата иднина.
3. Шепнувачот – Донато Каризи
Исчезнуваат пет девојчиња на возраст од осум до тринаесет години. Во меѓувреме пронајдено е местото на кое можеби се закопани, а го пронаоѓаат две момчиња со нивното куче сосем случајно. Но тоа не се нивните тела, сѐ што пронаоѓаат се неколку леви раце закопани во круг, поточно шест леви раце, а пет девојчиња се пријавени како исчезнати. Некаде уште едно девојче е киднапирано но сѐ уште не е пријавено како исчезнато.
4. Зад затворени врати – Б.А.Патрис
Сите познаваат по некој пар како Џек и Грејс. Тој е згоден и богат, таа е убава, шармантна и елегантна. Можеби не сакаш да ти се допаѓаат, но ти се допаѓаат. Можеби сакаш да ги запознаеш подобро и како индивидуални личности, но тешко е затоа што Џек и Грејс никогаш не се двојат.
Некој можеби ќе го нарече тоа вистинска љубов. Друг можеби ќе праша зошто Грејс никогаш не крева на телефон. Или зошто никогаш не може да излезе на кафе или на ручек, иако не работи. Како може да готви толку прекрасни јадења, а сепак да е толку слаба. И зошто има решетки на прозорецот во една од спалните соби?
Понекогаш, совршениот брак е совршена лага.
5. Ангелски повик – Гијом Мисо
Дали мобилниот телефон ви е станат како дневник? Дали во него ги чувате телефоните на саканите лица, фотографиите, разговорите.....најскришните тајни?
Во метежот на најголемиот њујоршки аеродром двајца деловни луѓе, буквално ќе налетаат еден на друг. Мадлин и Џонатан брзо ќе ги соберат растурените работи и ќе продолжат секој на своја страна. Тие никогаш претходно се немаат сретнато, а и веруваат дека таа средба веќе нема да се повтори. Сепак, брзајќи да ги соберат своите работи, случајно ќе си ги заменат мобилните телефони. Кога ќе ја согледаат грешката, веќе ќе ги делат повеќе од десет илјади километри-тој е сопственик на ресторан во Сан Франциско, а таа работи во една париска цвеќарница.
Иако се свесни дека чепкаат во туѓата приватност, нема да можат да одолеат и ќе ја прегледаат содржината на телефонот што е случајно кај нив. Меѓутоа, нескротената љубопитност ќе ги доведе до фасцинантни откритија: ќе сфатат дека нивниот живот е нараскинлово поврзан со една тајна за која обајцата верувале дека ќе остане скриена засекогаш.... Почетокот што навестува романтична комедија ќе се претвори во напнат трилер, а маестралната завршница ќе ги надмине и најголемите очекувања.
Александар Николовски
コメント