top of page

Започна новата академска 2020/21 година

„Дозволете ми да ве поздравам и да ви посакам успешен почеток на вашите студии.”

Со оваа порака Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски го започна својот говор на првиот академски час пред Правниот фаултетот „Јустинијан Први“.



Како алумни на правниот факултет на бруцошите тој им посочи дека пред нив престојат најубавите години од нивниот живот.


Првиот академски час беше отворен од страна на Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски кој на студентите им најави дека стануваат дел од едно реномирано академско семејство.


„Од денес, свечено му припаѓате на УКИМ, а припаѓањето на УКИМ е чест, но и голема обврска затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење“.


Ректорот посочи дека пандемијата го променила текот на универзитетот, но и помогнала во разрешување на одредени проблеми.


„Пандемијата не принуди привремено да ги напуштиме амфитеатрите и незаменливите конвенционални катедри и да ги замениме со дигитални алатки за непречено да продолжиме со наставниот процес“, изјави тој.


Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Горан Коевски преку своето обраќање ја искористи можноста да ја истакне специфичната состојба во која моментално се наоѓаат студентите.



„Вие како генерација по многу нешта сте посебни. Повеќето сте родени во конфликтната 2001 година, првата генерација која запиша деветолетка, најмалубројна генерација средношколци која не полагаше државна матура, но згора на се, вие сте Ковид-бруцошка генерација. Ги започнувате студиите во т.н. „нова реалност“, преку онлајн настава во овој зимски семестар“, потенцираше тој. „Условите на пазарот на трудот се брутално сурови. Бараат квалитет, одличност, извонредност, не признаваат ниту површност ниту импровизации. Учете и работете трпеливо.“

Пред доделување на индексите последно обраќање имаше и претседателот на Факултетското студенскто собрание Кристијан Зумровски кој со краток говор ги охрабри студентите да бидат поактивни во студентските тела.


„Бидете проактивни, вклучете се во процесот. Пристапувајте кон проблемите, не бегајте од нив. Бидете гласни против сите неправди и делувајте колективно и солидарно“, изјави тој.


Со уште еден топол поздрав и желба за успешен старт на учебната година, првиот академски час пред Филозофскиот факултет при УКИМ го отвори и министерката за образование Мила Царовска.

Таа во својот говор го потенцираше значењето на филозофскиот факултет од аспект на квалитетните кадри кои ги создава и нивното значење за фукционирање во една здрава држава.

„Ова министерство ќе се заложи токму во овие клучни времиња високото образование и неговиот предводник, Филозофскиот факултет, повторно да го вратат своето заслужено место и општествен статус кој им припаѓа".

Министерката воедно се заложи за силно зајакнување на вкупната наставно-научна инфраструктура во високото образование и подигнување на статусот на вработените во високото образование.


По неа, свое излегување имаше и Деканот на Филозофски факултет во Скопје, Проф д-р Ратко Дуев, кој го честиташе 100 годишниот Јубилеј на факултетот потсетувајќи ги студентите дека и во периодот на неговото создавање се одвивала голема здравствена криза познатата како Шпанскиот грип.

„Тоа е нашето бреме кое го носиме веќе едно столетие. Факултетот минал низ многу поголеми предизвици во своето едновековно постоење: војни, кризи, епидемии, земјотреси, поплави и секогаш успевал да продолжи со својата вековна мисија да создава кадри и да ја унапредува науката“, изјави Деканот.

Димитар Корунуски, претседателот на факултетското студентско собрание, својот говор го искористи за да ги потикне младите бруцоши да се активираат во студентските организации и притоа да се борат за нивните права и неправдите со кои се соочуваат. Пред студентите им вети целосна посветеност.заложба и достапност како претседател на студентското собрание.

Топло добредојде на новозапишаните студенти им посака и Економскиот факултет при УКИМ кој поради новонастанатите услови првиот академски час го оддржа по електронски пат преку YouTube платформата.


Свеченото отварање беше започнато со обраќање од страна на Деканот на Економскиот факултет, проф. д-р Предраг Трпески кој во поздравниот говор до студентите ја потенцираше важноста на Економскиот факултет за целокупната високообразовна дејност во земјата, кој воедно оваа година слави 70 години од неговото основање.




„2020-тата година е година во која по 70-ти пат по ред се потврдува дека Економскиот факултет - Скопје при УКИМ во Скопје со своите издржани одлуки, визионерски потфати и неуморна работа и заложба е вистински создавач на трајни вредности“, истакна проф. д-р Трпески.


Прилика да се обратат до студентите имаа и г-динот Иван Штериев – Главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје, Сергеј Зафировски – Сопственик на агенцијата за истражување на пазарот и стратегиски маркетинг Insider ID како и претседателот на Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет Илија Колев.


По завршувањето на говорите од страна на претставниците на академската и бизнис заедницата, студентите имаа можност преку онлајн средба да се запознаат со Професорите од матичната катедра и предметните дисциплини кои тие ги предаваат.




Д.М.

М.Т.

Comentarios


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page