Апсурдното ослободување во време на пандемија
- Авангарда
- May 13, 2020
- 3 min read
Кога динамичниот (пост)модерен свет поврзан во облаците или пак во длабочините на морето ќе доживее целосно запирање, конечно имаме можност себечовечноста и човештвото во целост да го доживееме не како објект на пазарот (homo economicus) туку како субјект - битие.
Уникатноста на ова време може да се изрази во една мистериозна дијалектика помеѓу биолошкото и политичкото. Ваквиот спој ги отвора новите големи филозофски прашања за кои дополнително треба да бараме одговори и ќе принуди изродување на нови толкувања на самата основа на човекот како битие. Дијалогот, тој антички концепт - темелот на целата западна цивилизација е доведен во простор на повторно негово откривање и ново толкување.
Влегуваме во непознати води, а со тоа навлегуваме во доменот на стравот. Нашите 20ти години нема да бидат забележани во боемски блесок, слава и декаденција, туку во преиспитување на она што е човекот и соочување со егзентенцијалните прашања за самиот опстанок на човекот на планетата. Во време на пандемија, условите се такви што правото стави ограничување на она што човекот суштествено е - zoon politikon. Тоа бара од нас да се оддалечиме од другите, да седиме дома и да го „продолжиме“ животот во една „нова“ вонредна состојба, надевајќи се на навраќање кон нормалноста која никогаш нема да дојде. Новата реалноста ја градиме сега и ќе продолжиме да ја градиме во претстојниот период.
Домот - концепт кој под вакви услови на својата нејасна природа е местото каде ни е наложено да седиме. Барем оние кои го имаме. Место каде треба да се засолниме од другите, освен доколку самиот дом не е поголема закана од надворешноста.
Во оваа ситуација на самоизолација, човекот е оставен сам на себе. Постојат три фактори кои секој од нас ги губи во оваа ситуација: слобода, структура, смисла.
Слободата е столбот на она што човекот е - слободно битие. Во време кога токму таа карактеристика е сериозно ограничена, се чини дека ние не сме слободни, но токму во овие моменти е време да ја разоткриеме нашата внатрешна слобода како луѓе.
Времето во изолација е време на растовареност - простор каде можеме да се преиспитаме себеси и нашите одлуки. Ова не е натпревар во продуктивност или трка во тоа кој може да се натовари со повеќе активности - целосно оправдана е пасивноста кон надворешниот свет со цел да го насочиме нашето внимание кон нас и во нас. Внатрешната слобода е услов за среќен живот. Придобивката од ова невреме кога се е во тотален застој е токму можноста да работиме на самите себе.
Структурата на секојдневниот живот, нашите рутини, навики е во целосен колапс. Анархијата на моментот можеби е пеколна, но тоа отвора еден нов простор на анализа на животот. Ослободувањето од нашите календари, планери, листи од задачи кои се темпирани до минута ни дава можност да ги анализираме и да одредиме кој од нив ни додаваат вредност на нашиот живот, а кои можеби ни штетат. Таквата анализа го отвора просторот кон подобрување и вградување на нови навики кои би ни служеле сега и во новата нормалност. Губењето на структура во животот е голем потрес за човековата психа, што значи дека целокупната наша структура не може да се промени одеднаш. Тоа претставува процес кој ние треба да го изградиме и со кој треба да соживееме.
Слободата и структурата често ја градат смислата на она што ние го доживуваме како живот. Во услови кога слободата е доведена до ограниченост, а структурата не постои, останува само апсурдот. Токму во овој апсурд ќе се искова новиот човек, а за справување со апсурдот не треба да гледаме далеку за да ги најдеме стоиците и егзистенцијалистите. Во самодефинирањето на новата смисла нека послужи цитатот од Ками: „Единствениот начин да се справиш со неслободен свет е да станеш толку слободен, што твоето постоење е акт на револт“.
За крај, наместо препораки за филм, серии или лимонада-романи, ви ја препорачувам оваа статија: https://okno.mk/node/84114 .
Никола Донев
Comments