Дали и како студентите ги надополнуваат пропуштените предавања?
- Авангарда
- Apr 13, 2020
- 3 min read
Поради светската пандемија сите образовни институции во Р. Северна Македонија се затворени. Меѓу погодените од ова одлука се и студентите на факултетите во државата кои, почнувајќи од 10 Март, па се до крајот на учебната година нема да имаат никакви предавања и активности во рамки на факултетите.
Како можни решенија за надополнување на пропуштениот материјал и продолжување со студиите се практикуваат електронски предавања преку видео-конференциски платформи. Но дали овие предавања се подеднакво ефективни и навистина се реализираат?
“На мојот факултет предавањата се одвиваат преку онлајн платформа а за полагањата се уште не сме информирани како ќе се одвиваат. Професорите солидно соработуваат со нас. Единствениот проблем со кој што се соочив заради вонредната ситуација беше мојот престој во студентскиот дом“, вели студент од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Имено јас заради здравствени проблеми не бев во Скопје пред да се донесе одлука за напуштање на студентските домови, па затоа сега сите матријали што ми се за учење и лични работи ми се останати таму и не можам да си ги земам. Исто така не сум информиран дали овие месеци ќе треба да го платам престојот во студентскиот дом или сум ослободен од тоа”, додава тој, адресирајќи го и проблемот со прекинатиот престој во студентските домови.
Иако во меѓувреме институциите им дозволија на студентите да се вратат и да ги земат личните работи кои ги оставиле во домовите, сепак ваквата нагла одлука многу од нив ги затекна неочекувано и им нанесе значителни проблеми.
За разлика од искуството што го имаат на Правниот факултет, на катедрата за педагогија на Филозофски факултет воопшто не се информирани и немаат предавања.
Од студентка на катедрата ни стигна следниот одговор:
“Немаме никакви предавања ниту пак сме информирани за понтамошниот процес. Се обидовме да добиеме информации преку професорите но и тие не се известени. Истовремено немаме ни литература ниту задачи за да останеме активни со учење и дома“.
Истовремено исконтактиравме и со Претседателот на Факултетското студентско собрание на ПМФ, Даниел Николовски, со цел да добиеме повеќе инфомации за тамошната ситуација и ефективноста на предавањата.
“Онлајн наставата во овој случај е најдоброто можно решение. Што се однесува до теоретскиот дел оди одлично, но не е постигнат истиот ефект и кај задачите. Сепак задачи се задачи. Ако не се запише формулата на табла и не се гледа постапката на решавање на задачата во живо, многу е потешко да се сфати“, признава Даниел.
„Во однос на лабораториските вежби тие ни претставуваат реален проблем. Ова особено важи за некои предмети што се слушаат на биологија и на хемија. Впрочем, целата суштина на предметите на овие два института е сведена на лабораториските вежби. Слична е ситуацијата и со лабораториските вежби и на институтот за физика“, додава тој.
„Околу полагањата сме едногласни. Речиси сите сметаат дека не треба да полагаме онлајн. Моето мислење околу ова прашање е исто како на повеќето. Сметам дека нема услови да се изведе онлајн полагањето. Како ќе полагаме задачи онлајн? Невозможно е! Покрај тоа што нема услови да се изведе полагањето, во случај ако би се изведувало ќе има многу манипулации и злоупотреби. Со тоа се деградира квалитетот на дипломите кој ионака е нарушен со оваа ситуација. Нашите дипломи од ПМФ се меѓународно признаени!” објаснува Николовски.
Светската пандемија на Коронавирусот Ковид-19 несомнено нанесува промени во секој дел од општеството. Таа не ги поштеди ниту младите студенти. Какви други последици ќе остави вонредната состојба врз високото образование и како ќе се реши проблемот со испитните сесии, останува да видиме.








Comments