Зошто овде, а не таму?
- Авангарда
- Apr 16, 2020
- 4 min read
Е зошто сум овде де? Галиба ние Македонците секогаш мораме да одговараме на вакви компаративни прашања каде ужасот треба да го споредиме со канонските рајски градини и да го најдеме срамежливото светленце на крајот од тунелот за да докажеме дека е подобро од бескрајните нордиски светлини. Но, има затоа, има. Иако се чувствувам како тетка - стројник (од македонските иселеници во Австралија) која треба да омажи стара мома од 40 години, па треба да најде начин да ги извлече на површина ионака малкуте квалитети на невестата, се впуштам во оваа авантура каде очигледно ми предничи мотивот за докажување на хипотезата пред многубројните факти кои ме демантираат од почеток.

Нејсе, зошто “таму” знаеме сите и тоа многу добро но зошто “овде”? Првата идеја која ми пролетува низ глава е на Анчевски неговото: Колеги ќе не биде? И да ни е запечатено во ДНК-та никогаш да не нè биде драг професоре, ќе се избориме. Да, ќе се избориме ние, браќа и сестри, колеги и колешки, другари и другарки (дами и господа се уште не сме) . Нашата генерација едвај проникна како лалиња низ рушевините на системот кој падна врз многу судбини. Чекоревме, зад мама и тато низ трнливиот пат на транзицијата која што сеуште трае и која за жал срасна и во нас - младежот.
Транзиција, децентrализација, денационализација, реформи... чуда евангелиски кои верувам дека нашите врсници од Осло на пример, никогаш нема да ги слушнат или не дај боже ќе ги разберат. Па што дека синот на комшивката избрал да се спакува и да студира таму? Кога е плод на тој систем - несистем и кој со сраснат гнев во себеси јаде туѓи специјалитети и се покрива со ќебиња од гускини пердуви во интернати на милион спратови. Ние што се покриваме со јамболии од бившата СФРЈ не сме стоплени? Нема да ни наполни стомак нас лутиот ајвар?
Замислете како би се снашло некое зачешлано француско студентче во нашиов систем. Уште првиот ден би висел на бесилка нишан од провевот на прозорите кои не дихтуваат, тој никогаш како нас не би научил како да пројде недела со пакетче макарони, каква е радоста кога мајка му би му пратила сарма завиткана во фолија. Би ја зачувал ли тој смиреноста ако по долги не преспани ноќи професорот му го откажал закажаниот испит?
Затоа сме ние “предаторите”, затоа што овој систем не прави преживувачи. Затоа сме ние Никола Тесла, а тие Томас Едисон. Затоа што на Европа некој треба да и каже дека е вообразена и несолидарна и дека современите лабoратории и смарт надгледните средства се ништо без знаењето и дисциплината којa нашите професори ја имаат во залихи.
Синот на комшивката, тој што одлучил да замине и да студира во некое државиште на кое името сеуште му го изговара со несигурност, за неколку години ќе има еден тон чудесни работи во трепетните раце кои ќе се плаши до смрт да не ги загуби. Што ќе имаме ние? Ние нема да имаме што да изгубиме!
Затоа ќе одиме до крајности. Затоа имаме образ да побараме од професорката со титула “Доктор на науки” да ни се извини зошто испитот нас ни изгледал безсмислен. Ние немаме што да изгубиме! Ние веќе сме изгубиле чувство и за политика и за етика и интерес за каков било општествен прогрес.
Ние бришеме солзи со пријави за испит и се радуваме до вресок кога лименката пиво се спуштила од 70 на 65 денари. Ние копнееме професорите да ни кажат дека сме иднината во ова место кое иднина нема.
Зошто нема? Зашто ние не можевме колку синот на комшивката. И поради на мајка ми телефонскиот разговор: „Аман за една 8ца на филолошки се изнамачи“. Ќе ли сфати таа дека за синот на комшивката таа 8ца е причина за еден video-call, а мене таа 8ца ми значи тронка надеж дека не е се така изгубено и отидено?
Се дури не тапкаат по рамо и ни порачуваат да не се отажуваме и да пробаме да избегаме од овде барем на мастер - студии, нема да не биде. Нема да не биде, зошто дури и да се здобијам со титула мастер на Sheffield илјадници километри далеку од дома, ќе се најде некое азијче и ќе ме праша Македонија беше остров така? Тогаш ќе сфатам дека сум изгубила голем дел од себе. И дека со таа странска диплома во рака можам само да го пребришам подот кога ќе се вратам во Пржино на мојот остров.
Зошто овде? Зашто на тетката од бифе енергијата во 8 сабајле кога нарачувам дупло еспресо, зашто на Калина погледот кој ме потсеќа на мајка ми кога цел свет ми се срушил и кога се држам на конче пред нервен слом, зашто на Румена пламенот во очите кога се обидува да ја покрене револуцијата која заспала во нас уште од средно. Зашто овде после бурна ноќ, другарите ме носат до дома. Зашто овде комшијата ми се обрати со “ќерко” уште првиот ден кога пристигнав.
Генерацијо, треба да сфатиме дека ние нема што да изгубиме! И дека со страв и неамбициозност само му даваме причина на синот на комшивката да слави и да е сигурен дека направил добра работа за себе што влегол во статистиките на некоја си туѓа земја која сè уште не ја ни изговара правилно.
Ние не сме статистика! Повторувам, НИЕ НЕ СМЕ СТАТИСТИКА! Ние сме сила, ние имаме моќ да го раздрмаме целиот наш заспан систем и да и докажеме на мама дека часовникот кој го носи синот на комшивката не вреди ниту половина од огнот во нашите гради. Зошто овде, А не таму? Зашто таму не постои! А овде немаме што да изгубиме, но имаме што да вратиме!
Викторија Постоловска
Comments