top of page

Неизвесно реализирањето на Work and Travel програмата

Голем дел од студентите секоја година ја искористуваат шансата во текот на летото да работат надвор од границите на нашата држава преку Work and Travel програмата. Несомнено е дека за дел од нив главната причина за учество во програмата се финансиите кои подоцна ги користат за своите трошоци во текот на следната студиска година.


Меѓутоа оваа година студентите се соочуваат со проблем заради актуелната ситуација во која светот се наоѓа и истите се загрижени дали програмата ова лето ќе се реализира.





“Целиот процес ми е веќе завршен, сите интервјуа ги поминав и ми остана уште интервју за виза. Ми беше закажано но заради ситуацијата го откажаа. Загрижена сум за целокупната ситуација и колку би можела да бидам оштетена од неа“, вели Катарина, една од студентките која има аплицирано за работа во САД.


„Првично ни беше кажано дека до 12 Април нема да има термини за виза, но сега не сме известени што понатаму. Од друга страна агенцијата ги одбегнува моите прашања и пробува да не убеди дека се е во ред, најворајтно и тие се плашат да не ги загубат своите клиенти“, загрижено изјавува таа.


За разлика од неа, на некои пак целиот ангажман им е откажан од работодавачите па доколку има услови и сакаат да учествуваат во програмата треба целиот процес да го почнат од почеток.


Амбасадата на САД веќе ги откажа термините за J1 визата која има е потребна на студентите но нема никакви дополнителни информации кога и дали ќе продолжат со истите. Ниту Work and Travel агенциите не можат да понудат поинаков одговор бидејќи и тие чекаат информации од амбасадата и властите.


Ситуацијата на студентите кои што аплицирале за Work and Travel програмата на тло на Европа, односно во С.Р. Германија исто така прави да се наоѓаат во конфузна ситуација.


“Минатото лето бев на програмата и сум навистина задоволен заради големото искуство што го стекнав таму. Заради тоа аплицирав повторно на истото работно место, и веќе имам организирано сместување и платен аванс“, објаснува Јован.


„Дозволата за работа исто така ми пристигна, а одев и на курс по германски јазик кој се прекина заради вирусот. Навистина вложив труд и финансиски средства, за кои не сум сигурен дали ќе ми бидат од полза ова лето. Ресторанот таму работи (само за носење), контактирав со работодавецот и тој е оптимист за целокупната ситуација, но најмногу ме загрижуваат затворените граници. Јас имам се што ми е потребно за да отидам, моето работно место е активно но ме загрижува дали ќе можам да отпатувам, бидејќи Аеродромот и автобуските превозници не работат“, дополнува тој.


Дали програмата ќе се реализира оваа година сѐ уште е неизвесно. Многумина од студентите би ризикувале и покрај светската пандемија да одат доколку има услови, но дел од студентите веќе се откажуваат од Work and Travel програмата и остануваат оштетени.

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page