top of page

Онлајн испитна сесија: кои се аргументите ЗА и ПРОТИВ електронска проверка на знаењето

Вонредната ситуација која започна во март годинава поради пандемијата со коронавирусот целосно ги затвори високообразовните институции во земјата и ширум светот и прекина секаква физичка настава на факултетите. Речиси месец и половина по воведувањето на првите мерки за сречување на ширењето на вирусот, се поочигледно е дека ваквата состојба нема да се промени набрзо и ќе трае и во текот на летните месеци.


За Универзитетите ова беше аларм дека наскоро ќе треба да се донесат правила и одлуки како и дали ќе се спроведе јунската испитна сесија оваа година. Единствениот начин таа да се реализира е преку користење на оналјн видеоконференциски платформи, слични на оние кои во моментов се користат за спроведување на наставата.






На овие прашања факултетите заземаа различен став. Дел од нив целосно се спротивставија на ваквот начин на полагање и одлучија дека испитна сесија ќе се одржи кога ќе се создадат погодни услови за тоа, но дел решија дека сепак кај нив постои простор и можност за спроведување на онлајн испитна сесија.


Со цел полесно да го разберете пристапот на двете страни и самите да можете да донесете одлука дали оваа алтернативна опција е правилна или не, ова се трите главни аргументи За, односно Против онлајн испитна сесија ова лето:


Да почнеме со страната која го поддржува ваквиот алтернативен метод за проверка на знаењето. Иако досега нема еден конкретен метод како би се извела, ваквата сесија ќе допринесе за:


1. Континуитет во студирањето


Неодржување на јунската испитна сесија нема да значи само мал застој во студиите, туку ќе може да доведе и до целосен хаос на долг рок кај студентите. Предметите кои се слушани во последниот семестар, наместо два пати, ова лето ќе може да се полагаат само еднаш (освен доколку ситуацијата не ја одложи и августовската испитна сесија). Ова само по себе значи поголеми шанси за паѓање на предметите и трупање на нив во идните сесии каде ве чекаат новите предмети од следниот семестар.

На факултетите каде студентите се соочуваат и со повеќе од 6 предмети во сесија, ова може да доведе дури и до 10 преостанати испити во идната сесија. Дури и на факултетите со помалку предмети во семестар, кратење на една испитна сесија може да значи многу во понатамошниот тек на студиите и планирање на следните сесии.


2. Олеснителна околност за студентите во последен семестар


Иако сите студии се подеднакво засегнати и погодени од оваа ситуација, се чини дека таа најмногу ги засега оние студенти кои во моментов го слушаат последниот семестар на додипломските и постдипломските студии. За нив ова би претставувало намалување на шансите за завршување на студиите ова лето и нивно одолговлекување најмалку до идниот јануари.


3. Одржување на колоквиуми


Одложување на испитната сесија во јуни значи и тргање на можноста еден предмет да се полага на колоквиуми во оние факултети каде тоа е пракса. Ова е дополнителен проблем кој може да доведе до застој во студиите поради значително отежнување на шансите семестарот да се исчисти во краток период.



Од друга страна, самиот факт што се уште нема конкретен предлог како би се спровела оваа онлајн сесија, не води кон следните причини за нејзино одложување:


1. Манипулации


Не постои платформа за електронска видеокомуникација која може да гарантира дека студентот кој полага не користи никаква дополнителна помош. Можностите за препишување и слични манипулации со тестот во оваа ситуација нагло се зголемуваат и притоа целосно ја обезвреднуваат валидноста на целата сесија.


За дипломите на УКИМ и другите државни универзитети кои и онака веќе се во незавидна положба, ова би значело дополнителен пад на светските листи и нивно понатамошно деградирање.

2. Нееднакви можности помеѓу студентите


Клучната компонента која секој студент треба да ја поседува за да може да присустува на каква било онлајн сесија (покрај книга, се разбира) е електронски уред (лаптоп или компјутер со камера) и стабилна интернет конекција.


Ова очигледно прави голема дистинкција помеѓу студентите кои можат да си ги дозволат овие средства и оние кои се финансиски помалку стабилни и прашање е дали воопшто ќе можат да бидат присутни, не само на испитната сесија, туку и на онлајн предавањата кои се спроведуваат овој семестар.


3. Неапликабилност на сите студиски програми


Повеќе од јасно е дека каква и да биде формата на една онлјан исппитна сесија, тестирањето ќе се спроведе или усно, преку директно одговарање на прашања на професорот, или писмено преку електронски тестови (опција која остава преголем простор за манипулација).


Меѓутоа не сите студии и сите факултети ги потпираат своите оцени врз одговори на теоретски прашања или вежби. Повеќе од една петина од сите факултети на УКИМ ја прават проверката на знаењето преку практични вежби кои не можат да се спроведат онлајн на никаков начин.


На крајот на денот останува да видиме како универзитетите ќе решат да го регулираат ова прашање. Во меѓувреме, Универзитетските студентски собранија на УКИМ Скопје и УКЛО Битола заземаа став дека бескомпромисно ќе се спротивстават на обидот да се реализира проверка на знаењето по електронски пат.






Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page