top of page

Реалноста за Еразмус+

Еразмус+ е програма на Европската Унија направена со цел да се зголеми ефикасност на земјите коишто се членки на програмата, меѓу кои спаѓаат сите членки на Европската Унија, како и Северна Македонија, Турција, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Србија и Обединетото Кралство. Преку Еразмус+ програмата се дозволува размена на студенти, како и наставен кадар, се со цел да се зголеми знаењето и искуството.


Како студент поволностите на Еразмус+ програмата се големи, се добива огромно искуство од патување и живеење самостојно 5 месеци, се градат различни професионални и пријателски контакти, како и се добива незаменливото искуство на учење од наставен кадар различен од нашиот. Додатно, Еразмус+ програмата нуди и студентски стипендии за време на престојот во странство, зависно од просечната стапка на трошоци во земјата. Студент којшто оди на програмата Еразмус би добивал од 470 до 520 евра месечно, за покривање на животните трошоци.


Во случај да постои заинтересираност за аплицирање на Еразмус програмата, процесот не е тежок, но е макотрпен. За почеток, моментално, УКИМ има склучено билатерални договори со 23 Европски држави и со десетици универзитети од секоја држава. Проблемите настануваат во наоѓањето на адекватен универзитет за студиите. Пречки како јазикот, товарот на трошоци, квалитетот на програмата и катедрата се фактори коишто се зимаат предвид за време на бирањето на факултет.


Процесот за аплицирање започнува на средината на септември, зависно од Факултетот и како го спроведува повикот. Потоа, Еразмус координаторот од секој факултет е задолжен да ги води студентите низ процесот за апликација и да ги советува за нивниот избор на универзитет. Но, апликацијата за размената треба да биде доставена до 31ви септември, што на студентите не им остава многу време за размислување и за средување на документите, туку целиот процес се одвива набрзина.


За среќа, на веб страната на Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ стојат урнеци од сите документи коишто се потребни за апликација на Еразмус+ програмата, така што студентот може само да ги повлече од страната, да ги испечати, и да ги верификува.


Но, меѓу едноставните документи како CV по моделот на Еуропас и уверение за положени испити (од кое што студентите се ослободени од плаќање), треба исто така да се принесе документ каде што се наведуваат предметите коишто се еквивалентни на домашната студиска програма. Што значи тоа? Студентите треба да ги имаат предвид домашните предмети и студиската програма која тие ја опфаќаат, за потоа да ги најдат соодветните предмети од предметната програма на туѓиот факултет. Ова опфаќа пребарување на сите факултети за коишто еден студент е заинтересиран, се со цел да се најдат еднакви предмети.


Кога тоа ќе се заврши, студентот е задолжен да го побара лично секој професор за тој да може да потврди дека ја прифаќа туѓата студиска програма, со што студентот добива потпис на докуметот, којшто верификува дека професорот нема да бара преслушување и презапишување на предметот бидејќи смета дека е веќе слушан преку Еразмус+ програмата.


Искуствата од студентите со коишто разговаравме велат дека иако самиот процес на аплицирање не е тежок, најголемиот проблем го имаат со овој документ.


„Процесот на аплицирање дефинитивно не е најинтересниот дел од Еразмус. Сметам дека најголемиот проблем е наоѓање на компатибилни предмети, и често се случува некои студенти да се откажат поради ова. Како и да е, од мое искуство, наоѓањето предмети е изводливо со малку снаодливост и труд“ , вели еден студент на Филозофскиот факултет.


Во процесот на аплицирање е потребна и голема поддршка од Еразмус координаторите на факултетите. Според нашите разговори со студентите, ова искуство варира зависно од факултетот како и најверојатно до различни фактори како запознаеноста на студентот со процесот на аплицирање, како и чувството на студентот дека е поддржан од факултет. . Еден од нив не извести дека имал целосни инструкции за начинот на аплицирање и навремено известување од Еразмус координаторот на факултетот, додека пак негов колега, којшто не успеал да замине на размена поради компликации со апликацијата, на истиот факултет, извести дека Еразмус координаторот не бил достапен за сите прашања и добиле минимална помош и инструкции од координаторот.


Ова не е ретко искуство, бидејќи студент на Правниот факултет го известува истото, велејќи дека во неговата комуникација со координаторот се чувствувал како да е терет и имал дадени нејасни иструкции за неговата апликација.


За жал, многу често се случува студентите да се чувствуваат обесхрабрени поради овој процес на аплицирање, особено кога станува збор за барањето на еквивалентни предмети, коишто мораат да бидат од соодветниот семестар. Моментално, размена може да се изврши само во летниот семестар, поради што мора да се запишат предмети кои се предаваат на туѓиот факултет во летните семестри, што дава додатна компликација на барањето на компатибилни предмети.


Често се случува предметите коишто студентот сака да ги слуша, или пак мора бидејќи само тие се поклопуваат со домашната студиска програма, не е во способност да ги слуша поради тоа што не се предаваат тој семестар.


„Сметам дека Еразмус+ ќе стане многу поедноставно, попродуктивно и поценето искуство доколку се случи една клучна промена: да се исфрли идејата дека предметите мора да се поклопуваат за студентите да добијат кредити. Според мене, ова е контрапродуктивно и нелогично“, објаснува студент од Филозофскиот факултет во Скопје.


Но, и покрај сите компликации, сите студенти се согласуваат дека ако ја имаат можноста повторно би аплицирале за Еразмус програмата. Тие советуваат дека мора да се поедностави начинот на аплицирање, да се регулира достапноста на факултетските Еразмус координатори и да се воведат прецизни курсеви за начинот на којшто се аплицира.


ree

Comments


Секогаш сме отворени за нови идеи и

соработка со студенти!

Пиши ни!

Ви Благодариме!

bottom of page