Рин Тин Тим едуцира за: Проблемот со бездомните животни
- Авангарда
- Apr 13, 2020
- 4 min read
Ти! Да, ти! Имаме предизвик за тебе. Утре или пак за еден месец (во даденава ситуација никој не знае) кога ќе одиш на факултет, на работа, по цигари, или пак да го прошеташ своето милениче, сакам да забележиш една работа. Колку нови шепасти пријателчиња ќе те сретнат, подготвени да ти ја дадат сета нивна љубов во замена за храна и топло место да преспијат. Ги изброи? Многу се, нели? Е, супер. Сакаш да се едуцираш повеќе на оваа тема? Продолжи да читаш.

Проблемот со уличните кучиња е тема која што повремено знае да биде единственото нешто за што се зборува по улиците на Скопје, но потоа бргу се заборава, сé до следниот инцидент поврзан со (бездомно) животно. Дури и кога општеството се соочува со значително поголеми проблеми (политички и економски кризи, пандемии, апокалипси од каков било вид) оваа тема е доволно популарна и успева да ги надмине сите останати. За жал, не секогаш на позитивен начин.
Животните, без разлика дали се бездомни или вдомени, расни или мешанчиња, големи или мали, секогаш на некого му пречат. Како стасавме до тука? Па, сигурни сме дека никој не знае. Или пак, на нас две не ни е јасно како некој може во себе да има толку многу омраза за нешто кое, речиси и да нема, влијание на неговиот живот, ама еве сме. Некој се бори со вистински проблеми, некој со ветерници, а некој решил дека неговиот најголем непријател ќе биде куче. Секој со своето, кои сме ние да осудуваме? Секако, ова е место каде сите можат да си го искажат своето мислење.
Ајде сега малку сериозен разговор, доволно беше шега. Доколку некој седне да направи истражување кое ќе го одговари прашањето „Од каде дојдоа сите овие бездомни животни?“ (ние седнавме!) ќе дојде до еден заклучок: виновни сме ние, луѓето, вклучувајќи ги и неодговорните сопственици. Сепак, доколку покопаме малку подлабоко би стасале до државните институции и нивното незнаење, но и немањето желба целосно да се справат со проблемот. Сите акции и реакции на ова поле се со краткорочно дејство, а нивната цел не се резултатите, туку медиумската покриеност. Кој излегол на терен знае: не е голема разликата помеѓу Сизифовиот труд и овој нашиов, на активистите. Каде денеска имало едно кутре, утре најмалку уште 5 ќе трчкаат по тебе и ќе мавтаат со опавчињата, најсреќни што те гледаат и што, конечно, некој е тука да им ги наполни мешињата.
Доста беше со обвиненија, да се вратиме на корисните информации, оние што ќе помогнат во иднина. Ве повикуваме барем 20 минути од времето поминато на Интернет да го одвоите за продуктивни активности (нешто што не е скролање и празни караници, на уште попразни теми), каде многу лесно може да прочитате како голем број на земји го имаат радикално намалено, го држат под контрола или пак успешно го имаат доведено до нула (аплауз Холандија) бројот на, не само бездомни кучиња, туку и на мачки.
Да поедноставиме, за овој проблем да се реши, никој не треба да измисли топла вода. Само треба да се имплементираат дел од успешните пристапи на европските земји кои сами по себе водат до нови решенија. Не следите до тука, така? Се надевам дека да, и верувам дека повеќето наши читатели нема да се шокираат кога ќе ви кажеме дека сите овие успешни приказни не започнуваат со масовно убиство. Напротив, станува збор за едноставна филозофија чии последици никого нема да го прогонуваат во сон и нема да предизвикаат грижа на совест - а тоа е програмата Фати Стерелизирај Вакцинирај Врати (понатаму ФСВВ).
Оваа програма успешно функционира низ целиот свет и секоја држава, која целосно ја има имплементирано, сега може да се пофали со нејзиниот успех. Бидејќи колумната ни се заснова на транспарентност, ќе спомнеме дека и кај нас имаше неколку обиди да се спроведе ФСВВ програмата, но тие згаснаа заедно со, за нас настанот на годината - затворањето на центарот за заштита на кучиња-скитнци „Вардариште“. Со нејзиниот прекин, трошоците кои следуваат од неформално спроведување на оваа програма, паднаа врз нас, активистите, чија надеж за продолжување на ФСВВ беше влеана во отворањето на новиот ваков центар „Лајка“.
„Лајка“, односно новото Вардариште, само со подно греење, за тие што не ги следеле вестите во тој период, е стационарот кој требаше, но никогаш не се отвори. И така, светлото на крајот на тунелот, ветувањата за виножито после бурата, одговорот на сите наши молитви - Лајка, згасна. Само се надеваме дека трошоците за подно греење им беа рефундирани на одговорните лица и дека се пренаменети за нешто покорисно.
Друга дискусија на оваа тема е трошоците кои настануваат од сите посети на ветеринари, операции, ампули и вакцини, храна... Проста математика знаеме сите - колку повеќе животни на улиците, толку повеќе потребни средства за нивна грижа. Колку повеќе потребни кастрации и стерилизации, толку повеќе животни во постоперативна грижа, особено кога истовремено не запираат повредите и болестите.
Да не заборавиме дека сепак се работи за живи суштества кои треба да јадат, на кои им е потребна љубов и внимание, помош да ги надминат своите повреди. Споделување на овие бројки би одземало премногу време, но сигурни сме дека ќе најдеме прилика и за тоа. Засега, доволно е да се каже дека сметките се зголемуваат, а приходите се намалуваат.
Има уште една светска тајна која се уште не стасала до нашата држава, а тоа е одговорно сопствеништво! Уште една, исто толку, актуелна тема која секојдневно нé поучува како нашите навики влијаат врз сите други. Што всушност претставува овој магичен концепт кој може вистински да ни го промени животот на сите нас? Многу едноставно: секој сопственик треба соодветно да се грижи за својот миленик, да го чипира, редовно да го вакцинира, навремено да го кастрира или стерелизира, (а доколку не го направил тоа, да постапува совесно и да не дозволува да се пари со бездомните кучиња) и, најважно, во никој случај да не го фрли на улица во моментот кога домашниот миленик ќе му здосади. Тажно, но најголемиот број од новите кучиња кои ги гледаме по улиците во Скопје се токму тие - напуштените. Доволни се само две исфрлени, нестерилизирани кучиња кои ќе ги поништат сите направени напори за да се реши овој проблем и ќе предизвикаат кругот да почне одново да се врти.
Да резимираме. Вината за напуштените животни е кај сите нас. Потфрливме на сите полиња. Институциите, активистите, а воедно и сите граѓани можат да се согласат за едно - местото на кучињата не е на улица. За жал, очигледно тоа е единственото нешто за кое сите се согласуваме.
Автори:
Елена Кежароска
Марта Чадиковска
*Сите ставови искажани во текстот се ставови на авторите и не ги рефлектираат мислењата на конкретни здруженија за заштита на животните и околината како и на медиумот „Авангарда“.*
Comments